Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот „Рекет“ на кое Обвинителството треба да продолжи со презентација на материјалните докази. Меѓу доказите што сè уште не се изведени во судницата се и снимките на Орце Камчев кои летово беа објавени и во италијанскиот весник „Ла Верита“.
Тие требаше да се гледаат на последното рочиште во петокот, но поради технички проблеми нивното прикажување се одложи.
Досега во овој судски процес беа сослушани сите сведоци предложени од Обвинителството, а потоа се продолжи со материјалните докази кои се изведуваа на последните две рочишта.
Од досега виденото, најголем дел се потроши на презентација на запленетите работи од првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13. Многубројни парчиња гардероба, мебел, лустери беа меѓу одземените работи со кои Обвинителството сака да го докаже кривичното дело перење пари.
Фотографии од секое парче облека се прикажуваа на екраните во судницата, а Јовановски бараше тие да се донесат во судница и парче по парче да се изведуваат.
Се прикажуваа и видеоснимки од претресот во неговиот, но и во домовите на второобвинетата Катица Јанева и на Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина и доби 3 години затвор.
Откако ќе заврши изведувањето на материјалните докази, ќе се премине на сведоците што ги предлага одбраната, како и на нејзините докази.
До средината на март случајот „Рекет“ ќе биде речиси секојдневно на судската агенда. Во петокот судијката Васка Николовска-Масевска даде датуми за 18 рочишта.
Што се случуваше на рочишта, кога се даваа воведни зборови и сослушуваа сведоци, прочитајте во сумираните извештаи на „360 степени“:
Судење за „Рекет“ – чин втори (ВИДЕО)
Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева
Судење за „Рекет“ – „Поштенска банка“ влезе во записниците
Судење за „Рекет“ – „Прокуристот“ Боки 13 во улога на уредник и домаќин на политичари
Рустеми за „Поштенска банка“: Апсурдно беше да се затвори предметот со спогодба