Еден од моментите што го одбележаа денешното рочиште е објавувањето на досега невидена снимка од безбедносните камери од домот на Камчев, како и фотографија од домот на родителите на Јовановски на која се гледа дел од торба за која Русковска тврди дека е чантата „луј витон“ со еден милион евра

„Алчноста за пари е извор на сите зла“. Со оваа мисла од Џорџ Бернард Шо, обвинителката Вилма Русковска денеска ги затвори завршните зборови во случајот „Рекет“, во кој на обвинителна клупа се Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, и Катица Јанева за злоупотреба на службената положба.
Како што и ги започна воведните зборови, кога првпат се соочи во судница со поранешната колешка Јанева, велејќи дека влегла во филмот на „Чарлиевите ангели“, Русковска така ги започна и завршните.
„Од одбраната на Катица Јанева се уверивме дека таа сè уште е во филмот на ’Чарлиевите ангели‘“,
рече обвинителката.
Тврдејќи дека Обвинителството успеало да ја докаже вината на обвинетите, Русковска потсети на сведочењата на брачната двојка Орце и Ана Камчеви чии искази, според неа, неспорно докажуваат оти биле земени 1,5 милион евра за бизнисменот да добие поволности како осомничен во „Империја“.

Кога Камчев го пријавил рекетот, обвинителката вели дека мислела оти е лош сон, а сумите пари кои слушала дека од него се барани, како што рече, повеќето од нас не може да ги замислат ниту на сон, а не на јаве.
Преку сведочењето на Камчева, Русковска е уверена дека се разјаснило како биле земени првите 500 000 евра. 350 000, рече, Камчева ги однела во домот на Јовановски, а останатите 150 000 требало да се обезбедат преку позајмица од сега осудениот Зоран Милески-Кичеец. Русковска со својата констатација го оспори сведочењето на блискиот пријател на Боки, Сергеј Варошлија, кој кажа дека еднаш ја видел Камчева како доаѓа во домот на Јовановски заедно со Кичеец, но оти не носела ништо.
„Варошлија рече дека еднаш и во домот на Боки ги видел како доаѓаат, но рече дека Ана Камчева не носела ништо. Но, најдете една жена која оди каде било без чанта“,
рече Русковска.
За останатиот еден милион за кој преговарал лично Камчев кога бил пуштен во домашен притвор, според обвинителката, се покажало преку неговиот личен исказ. Како Камчеви ги обезбедиле парите, според Русковска, се утврдило и од сведочењето на нивната сметководителка која зборуваше како етапно биле вадени од лични сметки и од сметките на „Орка холдинг“.
Понатаму таа цитираше и делови од аудиоснимките, кои јавноста ги слушна преку италијанскиот весник „Ла Верита“, тврдејќи дека јасно се слуша што и како се правело. Потсети и на исказите на другите сведоци кои ги повика, а се осврна и на оние кои сведочеа по предлог на Катица Јанева, како што беа неколкуте обвинители од СЈО.

„Обвинителите во своите искази наведуваат дека во предметите во кои постапувале Јанева не им се мешала, но со оглед на законската поставеност последниот збор го имала таа и тука ништо не е спорно. Никој не тврди дека се постапувало незаконски во сите предмети, јас сум сигурна дека дури и во ’Империја‘ и ’Поштенска банка‘ колегите кои работеле постапувале најсовесно и според законите, но тука проблемот е во постапувањето на Јанева“,
рече Русковска.
Таа не е во притвор за дадено мислење за времен пасош, потенцираше обвинителката, туку за причините поради кои го дала таквото мислење. Во завршните зборови Русковска тврдеше и дека е лага и дека парите што се гледаат на видеоклипот од телефонот на Боки на масичка пред Јанева се наменети за гарнитура бидејќи, според неа, се докажало оти гарнитурата не била платена, туку само била дадена гаранција. Лажни се и исказите, вели таа, дека двајцата обвинети не зборувале за предметите на СЈО и Јовановски не дознавал ништо од тогашната специјална обвинителка.

Тука Русковска покажа фотографија од телефонот на Боки на која се двајцата обвинети, а Јанева, тврди обвинителката, во раце држи документи од случајот „Империја“.
Обвинителката ги побиваше и исказите дека Боки во Милано не потрошил 148 000 евра само за себе, туку за да купува гардероба и лекови и за српскиот текстописец Марина Туцаковиќ.
„Навистина потрошил 148 000 евра, но нема ниту една фискална сметка за лекови и женска гардероба, можеби по некоја женска чанта“,
зборуваше Русковска, која понатаму продолжи со негирање на тврдењата дека на Јовановски познати светски брендови како „Версаче“, „Валентино“ „Луј Витон“…, но и домашна продавница за очила, му давале свои парчиња за да ги промовира бидејќи бил влијателен на социјалните мрежи.
„Најголемата следеност му е 36 000 следачи, таа бројка воопшто не претставува некакво влијание. Следачи можат да бидат и од разни причини, а тоа дека поради тоа што тој објавува фотографии од очила и гардероба луѓето купуваат, мислам дајте да бидеме сериозни. Светските брендови подаруваат парчиња гардероба на светски ѕвезди од А-класа, а балканските ѕвездички си плаќаат големи суми пари за да ги имаат. Секако, ако можат да си дозволат“,
рече Русковска.
Еден од моментите што ги одбележа завршните зборови на обвинителката беше и пуштањето по првпат на снимка од безбедносните камери во домот на Камчеви од 21 февруари 2019 година или еден ден по датумот за кога се тврди дека бизнисменот го дал милионот спакуван во чанта „луј витон“.

На неа се гледа како Јовановски и Милески еден по еден влегуваат на влезната врата, а Милески со него носи помала чанта со темна боја.
„Од снимката се гледа каква чанта донеле наредниот ден“,
рече Русковска обидувајќи се да го побие тврдењето на Јовановски дека наредните денови по 20 февруари 2019 година чантата „луј витонот“ била вратен кај Камчеви.
На ова жестоко реагираше одбраната бидејќи се пушта снимка која не е изведена во доказната постапка, што е спротивно на Законот за кривична постапка. Судијката Васка Николовска-Масевска се согласи со адвокатите, а Русковска рече дека ова не е доказ туку само сакала да го покаже лажното тврдење на Боки, како и дека од снимките на наредните денови се гледа дека обвинетиот Јовановски и осудениот Милески не биле кај Камчеви.
Не молчеше ниту тој.

„Дајте ги снимките и од наредниот ден, 22 февруари“,
викаше Јовановски, а судијката мораше да опоменува за да се смири атмосферата.
За чантата „луј витон“, Русковска покажа уште една фотографија од домот на родителите на Боки во скопско Тафталиџе на која се гледаат рачки од торба, за што обвинителката тврди дека се докажува оти таа завршила кај него.
На крајот преку завршните зборови Русковска порача дека Јовановски не е политички затвореник бидејќи ниту е политичар ниту некогаш бил политички ангажиран, а за тоа дека ќе биде идниот лидер на оваа земја рече: „Секој има право да сонува“.
Завршните зборови на одбраната на 4 јуни
Завршните зборови на другата страна во случајот „Рекет“, онаа на одбраната, ќе биде кажана на 4 јуни. Адвокатите побараа време да се подготват со оглед на денешните заврши зборови на обвинителството.

Во изјава за медиумите адвокатите реагираа на снимката која првпат беше презентирана и обвинија дека се прави обид селективно да се протне нешто на мала врата. Адвокатите порачаа дека имаат многу повеќе да кажат во нивните завршни зборови тврдејќи дека нема ништо што не е неодбранливо и оти веруваат дека не се прикажале докази за вината на нивните клиенти.