Можноста за справување со разните форми на неплаќање на данок, достапноста на податоците во системите на УЈП во релано време, како што рече таа, ќе овозможи и брзо справување со разни форми на неплаќање на данок, кои можат да се движат од ненамерни грешки до свесни и намерни даночни измами
Со реформски процес на редизајнирање на деловните процеси и нивно автоматизирање и дигитализирање на начинот на пресметки на платите и собирање на даноците се очекува да биде променет сегашниот, традиционален начин на функционирање на Управата за јавни приходи, рече денеска директорката на УЈП Елена Петрова на сесијата „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ што ја организираше Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија. Со тоа, како што посочи, граѓаните наместо да ги добиваат услугите на шалтери и преку персонализирани контакти со даночни службеници, истите ќе бидат достапни преку електронски системи.

„Во некоја блиска иднина, наместо неповрзани системи, пресметувањето и плаќањето на даночните обврски би преминале во еден поврзан интероперабилен даночен екосистем, во кој би имало поврзаност меѓу системите на УЈП, даночните обврзници, со тоа што пресметувањето и плаќањето на даночните обврски треба да биде вградено, всушност во деловните системи на даночните обврзници, како дел од нивното секојдневно деловно работење“,
рече таа.
Од аспект на собирање на даночните приходи, според Петрова, реформата ќе значи дека податоците во УЈП нема да доаѓаат како историски податоци, по завршување на даночниот период, туку ќе бидат достапни во реално време односно во време кога ќе се случуваат оданочивите деловни трансакции.
„Со тоа УЈП ќе може во реално време да има пристап и да ги следи ризиците, отстапувањата во пресметувањето на даночните обврски и да овозможи во реално време да се собира точниот износ на данок односно да се собираат точните даночни приходи“,
вели директорката на УЈП.
Можноста за справување со разните форми на неплаќање на данок, достапноста на податоците во системите на УЈП во реално време, како што рече таа, ќе овозможи и брзо справување со разни форми на неплаќање на данок, кои можат да се движат од ненамерни грешки до свесни и намерни даночни измами.