Уште пред да стави потпис на договорот со Грција, власта почна кампања за претстојниот референдум.
„Договорот, пред се, овозможува ставање печат на вековитоста на нашата држава“- изјави во четвртокот (14.06.2018 г.) потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски пред штипјани.
Дел од помалите партии повикаа на бојкот. Најголемата опозициска партија го осуди договорот, но не и референдумот.
„Јас како Христијан Мицкоски на тој референдум ќе гласам против овој таканаречен договор.“- изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на 12.06.2018 г.
Дали е реално да се очекува опозицијата да не го минира процесот?
„Она што беше прва позиција на ВМРО и којашто доследно се досега се следи беше дека референдум мора да има по прашањето, дека народот, граѓаните, мора да одлучат по прашањето… “- вели Марко Трошановски, од Институтот за демократија „Социетас цивилис“
Но, каков точно референдум планира да спроведе власта?
—
По референдумот за независноста, Македонија се наоѓа пред веројатно најважниот плебисцит за иднината на државата. Иако кампањата е веќе во тек, власта засега не ги соопштила суштинските елементи на најавеното изјаснување.
Едно такво обележје е во членот 8 од Законот за референдум, во кој пишува дека референдум се распишува за одлучување или за консултирање на граѓаните. Одлуката од референдум за одлучување е задолжителна, а од референдум за консултирање – не.
Премиерот Зоран Заев вели дека тоа и не важно, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека тоа е клучно.
-Дали референдумот ќе биде консултативен или задолжителен?
„Ќе одлучиме веројатно во процесот што доаѓа пред нас. Уставот ги дава двете варијанти. Но и да биде задолжителен, директно ќе значи задолжение за институциите на државата. Но и да биде консултативен истовремено повторно ќе значи задолжени за институциите на државата… Но во секој случај, конечниот збор за овој договор ќе го кажат граѓаните а после тоа соодветно и институциите на Македонија.“ – одговараше на новинарско прашање премиерот Зоран Заев на владината прес конференција на 12.06.2018 г.
Истиот ден, на овој став реплицираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Доколку Зоран Заев се обидува шверцерски капитулацијата да ја протне низ собраниска процедура мора да знае дека референдум мора да има и тој мора да биде задолжителен, а не консултативен како што се обиде повторно денеска шверцерски, на прес конференција, да и го протне на македонската јавност.“
Една недела по овие изјави, потпретседателот на СДСД Дамјан Манчевски вели дека се уште нема одлука дали референдумот по форма ќе биде задолжителен, но додава дека во суштина секако ќе биде таков.
„Формална одлука се уште не е донесена затоа што и во тек се сега процедурите. Закон за ратификација сега треба да оди во Собрание итн. Ќе извршиме дополнителни консултации деновиве, ќе се договориме. Апсолутно за нас не е толку важно. Она што е важно граѓаните да се релаксираат на ова прашање дека кој и да биде волјата на мнозинството на граѓаните ќе биде испочитувано. Без разлика каков ќе биде. Логично би било можеби да биде задолжителен, но навистина да не прејудицирам, откако ќе ги исцртаме сите процедури, ќе помине дебатата и во Собранието и тогаш ќе се договориме околу ова прашање.“- вели Манчевски.
Друг клучен елемент на секој референдум е дали тој ќе биде дополнителен или претходен.
Според член 24 од Законот за референдум, „дополнителен референдум“ на државно ниво, се прави за „одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието“. „Претходен референдум“, како што кажува името, се распишува пред да се донесе некоја одлука а „за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието“.
Дамјан Манчевски вели дека владата нема да го прекрши законот со одлуката да ги праша граѓаните за меѓународниот договор по неговото донесување.
– Сметате ли, легалистички, дека се е тука чисто, со оглед на тоа што во законот, меѓународните договори се споменуваат во контекст на претходните референдуми а не и на дополнителните?
„Па се ќе зависи од начинот на кој ќе биде прашањето на самиот референдум. Затоа што ние не само што треба да одлучуваме во однос на договорот туку ќе треба да одлучуваме и во однос на идните евроатлантски интегративни процеси во Македонија. Така што се ќе зависи во однос на прашањето како ќе биде поставено… Како што кажа и премиерот, договорот е договор и важи договорот за целиот комплет, за се што е договорено. Ако било која страна не испочитува нешто од договореното, целиот договор паѓа.“- одговори за 360 Степени, потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски.
Сите овие елементи, како и референдумското прашање ќе бидат познати најдоцна до иницирањето на референдумот во Собранието. А за тој да успее, законот и Уставот се јасни – „За“ треба да гласаат мнозинството од избирачите кои гласале, под услов да гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список.
Или, за најавениот референдум да биде легитимен, на него ќе треба да излезат повеќе од 900,000 граѓани, што е половина од околу 1,800,000 гласачи, колку што беа регистрирани на последните избори. А за договорот да добие поддршка, ќе треба да има повеќе од 450,000 гласа „За“.
За споредба, на последните локални избори излегоа вкупно 1,080,000 гласачи, односно речиси 60% од регистрираните гласачи. Ако се земе во предвид гласањето за Совети во општините во првиот круг, 950,000 гласа отидоа на контото на коалициите околу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како и партиите ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА. Доколку гласачите ги следат партиските ставови во однос на договорот со Грција, извесно е дека ќе има многу повеќе од неопходните 450,000 гласа „За“. Но, сето тоа може да биде неважно доколку ВМРО-ДПМНЕ ги повика на бојкот своите гласачи, бидејќи тогаш е можно воопшто да не се исполни цензусот за минимална излезност од околу 900,000 гласачи.
Прашани дали и како ќе гласаат, еве што деновиве одговорија претседателот и еден од потпретседателите на најголемата партија која е против договорот.
– Како ќе гласате и дали ќе гласате Вие како Христијан Мицкоски на тој референдум. Сега, горе-долу, ги имате позициите, ги знаете. До претходно немавте информации, но сега се јавно објавени.
– „Јас како Христијан Мицковски на тој референдум ќе гласам против овој таканаречен договор.“- одговори првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето на новинарите.
-„Мицковски рече ќе гласа против на референдумот. Како ќе гласа Јанчев на референдумот?“- беше прашан потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев на емисијата „Отворено“ на ТВ 24 на 12.06.2018 г.
– „Прво, да го видиме референдумот. Прашањето на референдум го знаете?“
– „Не“
– „Епа не го знам одговорот и јас. Така што, кога ќе го знам прашањето на референдумот …
– „Дали сте за Република Северна Македонија со … влегување во НАТО и за пет години во ЕУ … “
– „Јас сум сериозен човек сепак. Значи, се додека не го знам прашањето на референдумот не би можел да кажам мој личен одговор за моето гласање“
– „Дали тоа имплицира дека Мицкоски е несериозен?“
– „Не знам. Можеби го знае прашањето?“- одговараше Митко Јачев на новинарските прашања.
Со други зборови, засега нема најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го „урне“ договорот со бојкот на референдумот. Според истражувачот Марко Трошановски, најголемата опозициска партија на таков начин би ги урнала своите принципи.
„Мислам на две работи. Првенствено низ годините и низ процесот наназад, ако погледнеме, она што беше прва позиција на ВМРО и којашто доследно се досега се следи, беше дека референдум мора да има по прашањето, дека народот, граѓаните мора да одлучат по прашањето и токму тоа е позицијата којашто ВМРО ја градеше низ сиот овој период. Оттука, кога велам доследност и конзистентност мислам токму на тоа. Од друга страна, вториот момент е пораката која што неодамна и на неколку пати ја прати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е дека тој ќе гласа против. Што, од аспект на лидер на една партија, директно значи повик до граѓаните активно да поддржат, односно да не го поддржат договорот на тој референдум. И во двата случаи исклучува бојкотирање на истиот. Мислам дека ВМРО ќе биде доволно принципиелна и доследна, што во случај на низок рејтинг и овие политички околности и те како и ме е потребна за да ги засилат своите позиции помеѓу гласачите.“
Според најавите од премиерот Зоран Заев, референдумот ќе се одржи кон крајот на септември или почетокот на октомври.
За да се испочитува тој рок, одлуката за распишување на референдум треба да биде објавена во Службен весник најрано кон крајот на јуни а најдоцна на почетокот на август. А за референдумот да се обзнани во Службен весник, претходно Собранието ќе треба да донесе таква одлука.
Иако се чини дека за целиот процес има доволно време, проблем е фактот што надлежниот орган за спроведување на референдумот е практично празен. Државната изборна комисија нема членови, откако претходниот состав си поднесе оставка. Пред три недели, власта и опозицијата донесоа законски измени според кои се обврзаа да изберат привремен состав на Државната изборна комисија најдоцна до крајот на јуни, со мандат од шест месеци. Ако заглави оваа процедура, потенцијално може да биде загрозен и датумот за референдум.
Напишете коментар