Редици луѓе без растојание има пред сите банки во Тетово, претежно пензионери и други лица кои сакаат да отворат нови трансакциски сметки откако пропадна Еуростандард банка, за да може да добиваат плати, пензии, социјална помош или други примања, јави МИА.
Пред самите банки може да се забележи дека само некои од нив имаат луѓе ангажирани од фирми за обезбедување да одржуваат ред и растојание, но и покрај тоа, евидентни се метежите со луѓе пред влезовите. Кај дел од банките влегува кој како ќе стигне, се пожалија дел од тетовци.

-Нема никаков ред, се туркаат луѓето и никој не почитува никого и ништо, велат дел од луѓето кои се обидуваа да влезат во банките.

Поради топлото време и здравствени проблеми, некои се откажуваат и одлучуваат да дојдат друг ден.