Деведесет и седум проценти од вкупно заболените со ковид-19 во светот се со лесни симптоми, а само 3 проценти се во тешка состојба
Вкупно 3 066 417 луѓе во светот се заболени од ковид-19, од кои 211 663 починале, а 923 448 се оздравени, покажуваат податоците на интернет-страницата „Ворлдометерс“, врз основа на информациите од СЗО.
Според овие податоци, околу 1 931 306 се активни случаи, од кои 1 875 014 (97 отсто) се со лесни симптоми, додека 56 292 се во тешка состојба.
На врвот на листата се САД со 1 010 507 заболени и 56 803 починати.
Во Европа, прва е Шпанија со 229 422 и 23 521 починати. Потоа следува Италија 199 414 заболени и 26 977 починати лица.
Франција, која вчера објави дека трендот на заразени и починати паѓа, досега регистрира 165 842 заболени и 23 293 починати од ковид-19.
Германија е следна на листата со 158 758 заболени и 6 126 починати лица, па Велика Британија со 157 149 заболени и 21 092 починати од ковид-19.
Од континентите, најтешко погодена е Европа со 1 301 784 заболени лица и 124 032 смртни случаи. Потоа следува Азија со 484 200 заболени и 17 605 починати.
Во Вухан, што беше епицентар на заразата со новиот коронавирус, втор ден нема регистрирано нови случаи. Додека во Кина евидентирани се шест новозаразени лица, од кои тројца се вратиле од странство, а тројца се во североисточната провинција Хеилоџијанг, на границата со Русија. Во Кина 13 ден по ред не е забележан ниту еден смртен случај. Околу илјада луѓе се во самоизолација.
Во Јужна Америка досега се регистрирани 145 212 случаи на ковид-19 од кои 6 793 починале. На овој континент, најголем број од случаите се во Бразил – 67 446 заболени и 4 603 починати.
Претседателот на Парагвај, Марио Абдо Бенитез најави дека училиштата че останат затворени до декември поради пандемијата. Во Парагвај 228 луѓе се позитивни на новиот коронавирус, од кои деветмина починале.
Африка досега пријавила 34 051 заболени со ковид-19 и 1 472 починат. Австралија има најмал број регистрирани заболени – 8 299 и 103 починати од новиот коронавирус.
Австралиските сојузни држави најавија намалување на рестриктивните мерки откако бројот на новозаболени изнесува еден отсто дневно, додека пред еден месец процентот беше 25. Австралискиот министер за здравство Грег Хант изјави дека 2,4 милиони луѓе ја презеле и се регистрирале на владината апликација за пронаоѓање на контакти заразени со ковид-19.
Нов Зеланд од денеска ги намали рестрикциите, по што 400 000 лица се вратија на работа, а отворени се и училиштата.