„Откако не му успеаја блокадите, деструкциите и заканите во Собранието, Мицкоски вечерва маршираше за неправда, против одговорност и против независно судство и како во годините на режимот со закануваа кон судии, обвинители, новинари и медиуми“, се вели во реакцијата од владејачкиот СДСМ на протестото што вечерва го организираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се потенцира дека Мицкоски вечерва признал дека најголема негова болка е Законот за Јавно обвинителство кој обезбедува продолжување на сите предмети, кој е темел за градење силно и независно судство и обвинителство.
„Исплашени од одговорност, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски по налог од Будимпешта вечерва маршираа за правдата да не го стигне нивниот шеф Груевски и сите нивни функционери кои чекаат одговорност за сторените криминали. Маршираше Мицкоски, а зад него старите, верни послушници и кочничари на европската иднина на државата, кочничари и уништувачи на правдата“,
стои во писмената реакција, во која се истакнува дека Мицкоски, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да се борат за правда, бидејќи се бегалци од правдата и се заглавени во криминал и корупција.
„Борбата за амнестија на нивниот криминал не може да биде и не е борба за правда, а стечајниот управник Мицкоски нуди само правда во стечај. ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е водено од обвинетите Антонио Милошоски, Илија Димовски, Игор Јанушев и нивните шефови Груевски и Мицкоски“, се вели во реакцијата од СДСМ.