Црковниот портал „Ортодоксија инфо“ објави текст под наслов „’Шах-матот’ на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско-српската оска за нова турбуленција на Балканот“
Медиумите во Грција детално го пренесуваат соопштението од Вселенската патријаршија, но и реакции од кај нас, јави МИА од Атина
Црковниот портал „Ортодоксија инфо“ во текстот под наслов „’Шах-матот’ на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско-српската оска за нова турбуленција на Балканот“, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која се врати во рамките на канонската православна црква“.

Притоа се наведува дека и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање.
„Со овој одлучувачки потег, Фанар става крај на новите аспирации на Русија да предизвика нова рунда конфронтации околу јурисдиктивните прашања, а црквата на Србија ја става пред своите одговорности за завршување на напорите за решавање на проблемот според Светите канони“,
коментира порталот.
Во продолжение пишува „во многу храмови во соседната земја радосно почнаа да бијат камбаните откако го слушнаа соопштението на Вселенската патријаршија, објавувајќи ја историската одлука за нив“.

Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека одлуката на Вселенската патријаршија беше главна тема во медиумите во Северна Македонија и ги пренесува изразените ставови, како на премиерот Ковачевски така и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Притоа се посочува дека оваа одлука не значи и доделување автокефалност.