Разрешувањето доаѓа откако в.д. директорот со неколкумина други лица беше приведен во акција на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и МВР под сомнение дека групата, кршејќи неколку закони, го урнала објектот хотел „Шар ан“, кој се смета за културно наследство и е заштитен со закон

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го разрешила од функцијата в. д. директорот на Конзерваторскиот центар Скопје, Костантин Димитровски. Разрешувањето доаѓа откако тој заедно со неколкумина други лица беше приведен под сомнение за уривање на хотелот „Шар ан“ во Старата скопска чаршија, кој е прогласен за културно наследство.
Од Министерството за култура информираат дека на местото на Димитровски е назначена нова в. д. директорка, пренесува МИА.
Во акција на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и МВР, која беше спроведена во средата, беше приведена група од деветмина која, кршејќи неколку закони, го урнала објектот што се смета за културно наследство и е заштитен со закон.
Оттаму велат дека во периодот од месец октомври и ноември 2022 година четворица припадници на групата како градежни работници без да поседуваат документација за дозволеност за преземање дејствија за рушење, употребувајќи механизација извршиле противправно уништување на автентичниот објект хотел „Шар ан“.
Во исто време, како што имформираа од Обвинителството, двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица чија службена должност е преземање мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за насилното уништување на автентичниот објект хотел „Шар ан“, дозволиле негово целосно уништување и не презеле ниту едно дејствие со кое ќе го запрат или спречат незаконското рушење на објектот од културно наследство.
Според ОЈО ГОКК, причинета е штета од непроценлива вредност за државата, а Буџетот е оштетен за три милиони евра.