820 жртви и 672 повредени, од кои 205 лица се во критична состојба, е најновиот биланс од разорниот земјотрес што го погоди Мароко
Најмалку 820 загинати е последниот биланс од Мароко по синоќешниот катастрофален земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, јавуваат светските медиуми.
Ова е најсмртоносниот земјотрес што го погодил Мароко. Според досегашните бројки на тамошното Министерство за внатрешни работи, 672 лица се повредени. Од нив, 205 се во критична состојба.
Епицентарот на земјотресот бил во планините Атлас, на околу 72 километри југозападно од Маракеш, град со околу 840 илјади жители и популарна туристичка дестинација.
Спасувачите сè уште се на терен и се очекува да се зголеми бројот на загинати и повредени.
Од тамошното Министерство за внатрешни работи на брифинг со новинарите кажале дека се верува оти многу од жртвите се во оддалечените области на планините Атлас, каде што е епицентарот на земјотресот.
Има информации и за семејства затрупани под урнатините на нивните домови.
Во Маракеш, најблискиот голем град до епицентарот, жителите ја поминаа ноќта на отворено плашејќи се да си одат дома.
Оштетувања претрпеа згради во стариот дел на Маракеш, светско наследство на УНЕСКО.
Според Геолошкиот институт на САД, земјотресот бил најсилниот што го погодил тој дел од северноафриканската држава во повеќе од 120 години.
Европската Унија најави помош.