Предлогот Пенов да биде избран за нов министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини
Во Собранието денеска втор ден пратениците расправаа за предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа на местото на Горан Милевски кој се повлече. И денеска ставовите на пратениците од опозицијата и власта беа спротивставени. Според опозицијата, власта со овој предлог прави дефокус на јавноста од вистинските проблеми и наместо да понуди решенија за економската и енергетската криза и да им помогне на граѓаните, таа предлага нов министер, за кој не веруваат дека е добро решение. За пратениците од владејачките партии, пак, Пенов е добар избор и побараа поддршка од опозициските пратеници.
Во текот на денешната попладневна расправа можеа да се слушнат и меѓусебни обвинувања на пратениците од владејачките партии и од опозицијата за тоа која власт колку направила или не направила, за криминали и корупција.
Предлогот Пенов да биде избран за нов министер за локална самоуправа доаѓа откако неговиот сопартиец Горан Милевски поднесе оставка од функцијата од лични причини.
Изборот на Пенов е на дневен ред на продолжението на 88. седница. Пенов е поранешен пратеник и градоначалник на Скопје. Еден од основачите на Либерално-демократската партија и нејзин поранешен претседател. Магистрирал на Правниот факултет во Скопје, а дипломирал на Економскиот факултет.
На дневен ред на денешната пленарна седница е и изборот на уставни судии за што дебатата заврши и треба само да се гласа за Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева. За останатите седуммина кандидати, дебатата и изјаснувањето во Комисијата не е завршено.
На дневен ред на 88. седница се и законите поврзани со мерките за справување со енергетската криза, како и измените на законот за здруженија и за политичките партии и друго.
Продолжението на оваа седница потпретседателот на Собранието Горан Мисовски го закажа за во петок во 12 часот.