Засега нема сознанија дали поранешниот претседател на Кривичниот суд ја напуштил државата
Распишана е потерница по експретседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, информираше денеска техничкиот министер за внатрешни работи.
Тој рече дека полицијата трипати го барала Панчевски за да го спроведе во притвор, по налог на велешкиот суд и дека досега нема сознанија дали тој ја напуштил државата.
„Судот до СВР Велес достави наредба за приведување со решение за притвор, секторот за внатрешни работи тоа го достави до СВР Скопје и во три наврати припадници на полицијата од полициската станица во Центар се обидуваа да го пронајдат бараното лице, но не успеаја, по што беше информиран СВР Велес и е распишана потерница по именуваното лице. Се вршат моментално оперативни проверки, за да се утврди дали лицето официјално ја напуштило државата“,
изјави министерот.
Панчевски е обвинет во предмет за злоупотреби на системот АКМИС за распределба на предмети кај судии во времето кога беше на чело на Кривичниот суд во Скопје. Поради непојавување на рочишта, судот му одреди мерка притвор, но во петокот полицијата не можеше да го лоцира.
Судењето за овој предмет требаше да почне минатата есен, но досега не е започната ниту главната расправа. Надлежен суд е велешкиот откако Апелација донесе ваква одлука за да спречи сомнеж за пристрасност во скопскиот Кривичен суд каде што работеше Панчевски.