Против Драги Рашковски во моментов се водат две истраги. И двете се за спроведени тендери, при што се купени добра што никој ниту ги барал ниту, пак, ги користи. И во двата случаи, тоа што генералниот секретар Драги Рашковски го купил, претходно го имал патентирано иноваторот Драги Рашковски
Вишото јавно обвинителство Скопје се согласува Драги Рашковски да излезе од притвор со гаранција, потврдија за „360 степени“ од Обвинителството. Ваквиот став на второстепената обвинителска инстанца следува по жалбата на Рашковски на продолжувањето на мерката притвор против него во втората половина на мај од страна на Кривичниот суд во Скопје.
Од Обвинителството, на прашањата на „360 степени“, објаснија и дека понудената гаранција е во висина од околу 500 илјади евра.
„Ве известуваме дека Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена Жалба на обвинетиот Д.Р. со понудена гаранција, до Апелациониот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција во висина од 30.686.215.00 денари и да ја замени мерката притвор со понудената гаранција“,
велат од ЈОРМ.
Тоа што Вишото обвинителството се согласува Рашковски да излезе од притвор не значи и дека тоа на крај ќе се случи. Обвинителството само дава мислење, а одлуката ја носи судот. Во случајот, надлежен за конечната одлука е Апелацискиот суд во Скопје кој треба да одлучи по жалбата.
„360 степени“ се обрати до Апелацискиот суд со прашање – кога ќе се одлучува за притворот на Рашковски. Освен информацијата дека сѐ уште не е донесена одлука, друг одговор не добивме.
Истото прашање го поставивме и до Обвинителството, од каде што одговорија дека засега немаат добиено покана за рочиште.
„Во однос на прашањето за терминот за одржување на седница во Апелациониот суд Скопје , Ве известуваме дека покана за присуство на јавна седница не е доставена до Вишото јавно обвинителство Скопје“,
велат од ЈОРМ.
Зошто се гони Рашковски?
Драги Рашковски беше генерален секретар на Владата од 2017 до 2020 година. Во актуелната влада, на таа позиција го наследи Мухамед Зеќири, а Рашковски доби позиција во премиерскиот кабинет која досега не беше позната за јавноста – секретар во кабинетот.
На почетокот на март годинава, „360 степени“ објави сторија дека Драги Рашковски како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци кој ниту некој му го барал ниту, пак, некој го користи. Министерството за внатрешни работи, кое единствено може да казнува во сообраќајот, беше децидно дека не побарале такво нешто од Рашковски ниту имаат намера да го користат тоа што го купил.
Дополнителните новинарски истражувања на „360 степени“ покажаа дека софтверот купен за околу 81 000 евра, всушност, во многу наликува на патент кој Драги Рашковски како иноватор го регистрирал во Државниот завод за индустриска сопственост. Понатаму, откривме и дека софтверот бил платен непосредно пред изборите на 15 јули уште пред да биде тестиран, иако според тендерската документација требало да биде обратно – прво успешен тест, па потоа плаќање.
На новинарските истражувања реагираше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое отвори предистражна постапка на 18 март. По еден месец предистрага, на 16 април Рашковски беше задржан, а против него Обвинителството отвори истражна постапка. Обвинителството бараше затворски притвор, но првично Рашковски доби куќен притвор од Кривичниот суд во Скопје. Дури во втор степен беше одобрено барањето на ОЈО за гонење на организиран криминал Рашковски да се брани од Шутка, поради опасност од влијание врз сведоци.
По речиси еден месец поминати во притвор, Обвинителството кое го води Вилма Русковска отвори уште една истрага против Драги Рашковски. Во своето соопштение до јавноста тие кажаа дека станува збор за уште еден тендер додека бил генерален секретар, но не понудија многу детали. По „трошките“ од соопштението, „360 степени“ откри дека станува збор за јавна набавка на „систем за биометриска идентификација“ со државни пари во 2019 година. Како и во првиот случај, овој систем никој не го барал од Рашковски, никој не го користи ниту, пак, знае каде е. И повторно, тоа што Рашковски го купил како генерален секретар во 2019 година веќе го имал патентирано како изум, овој пат во 2013 година.
Обвинителството сепак не застана таму, туку го осомничи Рашковски и за друга злоупотреба – дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.
Притисок или право на мислење?
Притворот на Рашковски беше продолжен во втората половина на мај. Жалбата по решението Рашковски да остане во Шутка е поднесена или веднаш или набрзо после тоа. Во деновите што изминаа по одлуката за продолжувањето на притворот и очекуваната одлука на Апелација за притворот, најгласен за случајот беше премиерот Зоран Заев.
Прво, во интервју за неделникот „Фокус“, кажа дека лично смета дека набавките на Рашковски се „кристално чисти“ и дека не ја злоупотребил функцијата.
„Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на Министерството е дали ќе го користи“,
изјави Заев.
На прашањето дали тоа значи дека не му верува на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, Заев одговара:
„Апсолутно не им верувам и за овој, како и за многу други предмети, вклучувајќи и предмети за опозиционерите, кога директно кажав дека тие не се организатори на настаните од 27 април. Бев повикан како сведок на Обвинителството и кажав дека таа (Русковска н.з.) не е во право. Тоа е мое сведочење за овој предмет во кој бев еден од главните таргети во овој случај. Така што јас не морам да се согласам со неа и со тоа што таа го тврди. Сум имал спротивни ставови околу притворите за Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска кога кажав дека притворот не смее да биде казна, туку само обезбедување присуство. Секој што се огрешил од законот треба да одговара. Но, што е различно со оваа власт? Законот важи за сите и никој не е заштитен и изземен, без оглед дали станува збор за бившиот генерален секретар на Владата, кој важи за еден од моите најблиски соработници. Тоа порано не можеше ниту на сон да се замисли“,
вели Заев за „Фокус“.
И во следните два дена Заев го бранеше и поранешниот генерален секретар, но и неговото право да давал мислење за предмети кои ги води обвинителството, нарекувајќи ја постапката лично мислење.