Најдете подобра причина за избори, за кои сметам дека ВМРО-ДПМНЕ ја има победата на тацна, вели Иво Ранѓеловиќ, магистер по компаративна политика и демократија од Универзитетскиот колеџ во Лондон (University College London)
Барањето на ВМРО- ДПМНЕ е за предвремни избори е легитимно, но е стратешки погрешно, оценува политикологот Иво Ранѓеловиќ во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Тој оценува дека опозицијата треба да почека до состаноците на ЕУ во јуни, па потоа да преземе активности.
„Стратешки би било помудро ВМРО-ДПМНЕ да почека барем до јуни, да види што ќе се случи со ветото, па потоа да почне со офанзива. И би било политички коректно доколку повикувате на лидерска средба да не навлегувате со условувања со одреден датум за предвремни избориу, туку да се истрчате со оние поенти кои ги изнесува ВМРО-ДПМНЕ – да се понуди програма во економијата итн., и потоа, на тркалезна маса, да излезете со разговорот за датум за избори“,
вели Ранѓеловиќ.
За блокадата во собранието, Ранѓеловиќ смета дека е рефлексија на целокупниот капацитет на политичка култура кај сите партии, за кој предупредува дека ако се продлабочи во поголема политичка криза, може да биде алиби за Софија да го рационализира ветото.
„Ќе браниме национални интереси или лични интереси преку локалното владеење? Сакам да кажам, најдете подобра причина за избори, за кои сметам дека ВМРО-ДПМНЕ ја има победата на тацна. Меѓутоа, не заложувајте ја надворешната политика преку националниот интерес за вашиот релативен успех или неуспех во локалната политика“,
порачува Ранѓеловиќ.