Меѓу законите за кои е потребно вакво гласање се законите за правична застапеност, високото образование, локалната самоуправа и други
На прашањето дали во надминувањето на проблемот би помогнала лидерска средба, Гаши рече дека не може да го оцени тоа, но нагласи дека секогаш е за разговор и дискусија
Сите закони за кои е потребно гласање со Бадентер ќе бидат ставени на дневен ред и на гласање, но неизвесно е каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши.

На брифинг со новинарите по првата координација пред почетокот на новата собраниска сесија, Гаши посочи дека прашањето за законите за кои е потребен Бадентер има повеќе политичка отколку процедурална димензија.
Меѓу законите за кои е потребно вакво гласање се законите за правична застапеност, високото образование, локалната самоуправа и други.
„Ова прашање има повеќе политичка димензија отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш на друго политичко ниво се разговара. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но оставам на политичките актери да го решат“,
рече тој.
На прашањето дали во надминувањето на проблемот би помогнала лидерска средба, Гаши рече дека не може да го оцени тоа, но нагласи дека секогаш е за разговор и дискусија.
„Не можете да најдете решение ако не седнете да разговарате“,
вели собранискиот спикер додавајќи дека дијалогот треба повеќе да се употребува како дел од политичката култура во државата, особено со опозицијата.
На денешната координативна средба присуствувал и заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но немало најава дека нивните пратеници повторно ќе ја блокираат работата на Собранието.
„Тоа не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот, но ќе видиме како ќе реагираат“,
кажа Гаши.
Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори доколку продолжи блокадата, Гаши посочи дека за распуштање на Собранието се потребни 61 пратеник.
Посочи дека е поборник на редовни парламентарни избори и дека нема да дозволи злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори.
„Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво“,
додаде претседателот на Собранието.
Според него, наскоро во Собранието треба да пристигне законско решение поврзано со барањата правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Најави дека до крајот на септември ќе се одржат најмалку четири седници. Две се веќе закажани за 2 и 11 септември, а најверојатно ќе бидат закажани уште две до крајот на месецот.
