Албанскиот премиер, како претседавач на ОБСЕ, и шведската министерка за надворешни работи Ана Линд изразиле загриженост за ситуацијата во Белорусија
Албанскиот премиер и министер за Европа и за надворешни работи Еди Рама, како претседавач со ОБСЕ, и шефицата на дипломатијата на Шведска, Ана Линд, која ќе го преземе претседавањето со Организацијата следната година, го повториле предлогот за медијација со белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Во писмото, чија копија АФП ја добила од извори блиски до албанската влада, се наведува дека ОБСЕ внимателно и со загриженост ги следи настаните во Белорусија.
„Многу внимателно и со загриженост ги следиме случувањата во Белорусија. Ние сакаме да ја повториме нашата понуда за посета, да ги слушнеме гледиштата за ситуацијата и да разговараме за актуелните предизвици во земјата. Белорусија е ценет член на нашата организација и ние сме подготвени да ја покажеме нашата поддршка“,
се наведува во писмото на Рама и Линд.
Покрај ова, албанскиот премиер деновиве остварил получасовен телефонски разговор со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
„Рама и Лавров разговараа за ситуацијата во Белорусија во контекст на предлозите на албанското претседавање со ОБСЕ да придонесат за дијалог меѓу власта и опозицијата“,
соопшти руската амбасада во Тирана.
Рама, во улога на претседавач со ОБСЕ, изразил подготвеност да го посети Минск и да разговора со сите страни вклучени во конфликтот. Лавров, пак, истакнал дека е од суштинско значење на белоруските граѓани да им се овозможи сами да ги решат своите проблеми.
Во отсуство на информација од кабинетот на Рама, соопштението на руската амбасада следуваше откако дел од албанските медиуми пренесоа дека Лавров го информирал Рама дека Русија ја поддржа потребата од интервенција на ОБСЕ за решавање на кризата.