И албанскиот претседател Мета го поздрави гласањето во Скопје, велејќи дека тоа го отвора патот за преговори со ЕУ и за Северна Македонија и за Албанија
Преговорите за членство на Албанија во Европската Унија веќе немаат никаква пречка! Собранието на Северна Македонија штотуку даде зелено светло за последниот француски предлог. Апсурдното заложништво на Албанија заврши.
Ова е дел од пораката што попладнево ја испрати албанскиот премиер Еди Рама по гласањето на заклучоците за францускиот предлог во македонското Собрание со оглед дека Албанија на патот кон ЕУ досега беше во пакет со Северна Македонија.
Албанската делегација, како што најавува Рама, веќе во понеделник ќе замине во Брисел за да го започне процесот на преговори.
„Беа потребни три исцрпувачки години од одлуката на Европскиот совет за да се отвори патот за преговори, така што серијата вештачки пречки поставени пред Албанија беа целосно срамнети со земја“,
вели Рама.
Тој нагласува дека изминативе години додека неговата земја била блокирана на патот кон ЕУ, неговата влада успешно се справила со пандемијата, како и досегашните последици од војната во Украина.
„Ќе успееме и со новата криза што ја носи војната и со преговорите што ќе ја направат Албанија членка на ЕУ. Успеавме без да го намалиме темпото на реформи и работа и покрај неисполнетите ветувањата од ЕУ. Ќе успееме со зголемено темпо, дополнително подобрување на работата и уште поголемо продлабочување на реформите“,
додава албанскиот премиер.
Покрај Рама, и албанскиот претседател Илир Мета го поздрави гласањето во македонското Собрание оценувајќи дека „тоа го отвора патот за почеток на преговори за членство во ЕУ и за Албанија“.
„Го поздравувам гласањето за предлогот на Макрон во Собранието на Северна Македонија, кое го отвора патот за преговори за членство во ЕУ следната недела, за нашите две земји. Му честитам на албанскиот политички фактор, кој секогаш останува верен на европската ориентација, одлучувачки за мирот, безбедноста и меѓуетничкиот соживот“,
напиша Мета во објава на „Фејсбук“.
И покрај тоа што со оваа одлука се отвора патот за преговори на двете земји, шефот на албанската држава нагласува дека „албанските носители на одлуки сега мора добро да ги запознаат одговорностите што ги имаат во водење на политиките“.
„Одлуката на Европскиот совет што ќе биде донесена за неколку дена треба да го просветли секој овдешен носител на одлуки за одговорностите што ги имаат во спроведувањето на политиките што ја прават Албанија поевропска, подемократска и понадежна“,
порачува Мета.
*Поврзани вести:
- Со 68 гласа „за“ Собранието ги усвои заклучоците за францускиот предлог, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата
- Интегрално заклучоците за францускиот предлог што ги усвои Собранието
- Брисел го поздравува исходот во Собранието – за идната недела најавува одржување на првата Меѓувладина конференција
- Блинкен ја поздрави одлуката на пратениците: Ова доаѓа во критичен момент за Северна Македонија, Западен Балкан и Европа
- Ковачевски упати честитки: Нема поголем патртиотизам од поддршката за просперитет на земјата
- Ахмети: Денеска победи Европска Македонија и прогресивните сили во земјата
- Маричиќ: Достоинствено, одговорно и мудро денес правиме чекор кон ЕУ