Укинувањето на притворот на сега веќе осудениот бизнисмен Сеад Кочан во 2017 година, додека тој беше во бегство, ја „зеде“ својата втора жртва. Од денеска Рахилка Стојковска и правосилно не е врховна судијка. Конечната одлука ја донесе жалбениот совет за нејзиниот случај, кој не и ја прифати жалбата против разрешувањето од Судскиот совет.

„Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија на денешната седница расправаше по повод жалбата на Рахилка Стојковска – судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија, поднесена против одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.08-11/32 од 24.09.2019 година за нејзино разрешување од вршење на судиска функција, и истата ја одби како неоснована и го потврди решението на Судскиот совет на Република Северна Македонија“,
соопштија попладнево од Врховниот суд.
Кој одлучуваше за разрешувањето на Стојковска
Согласно Законот за Судски совет, при жалба на судија кој е разрешен во прв степен од страна на Судскиот совет, одлучува деветчлен совет во Врховниот суд.
„Советот за жалба е составен од девет члена, од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, по еден судија од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката“,
пишува во член 72 од Законот за Судскиот совет.
Во случајот на Стојковска, тоа значеше дека од девет члена на Советот кој носи одлука со мнозинство гласови, дури пет беа нејзини колеги од Врховниот суд.
- Мирјана Радевска-Стефкова – претседателка на Совет за жалба;
- Шпенд Деваја – судија известител;
- Африм Фидани;
- Цветанка Периќ;
- Стојанче Рибарев.
*поврзана вест Одредени колегите на Јово Вангеловски што ќе одлучуваат дали тој да биде разрешен
По Стојковска и Вангеловски, останува уште Ристо Катавеновски
Правосилното разрешување на Рахилка Стојковска доаѓа само неколку дена откако во понеделникот истата судбина ја доживеа и нејзиниот колега Јово Вангеловски. Тие беа двајцата од вкупно тројца судии кои гласаа „За“ укинување на притворот на бизнисменот Сеад Кочан, додека тој беше на „службен пат“. Вангеловски и Стојковска беа разрешени од Судскиот совет на седница одржана на 10 септември 2019 година поради несовесно вршење на функцијата.

И двајцата се жалеа на одлуката до Врховниот суд, но откако беа оформени жалбените совети за нивните предмети, користеа повеќе механизми и барања кои ја одолговлекоа постапката.
*поврзана вест Јово Вангеловски повеќе не е судија, колегите правосилно го разрешија
*поврзана вест Јово Вангеловски иницира разрешување на судии што треба да го потврдат неговото заминување од Врховен
*поврзана вест Разрешувањата на Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска од понеделник повторно пред Советите за жалба
Третиот врховен судија, без чиј глас Кочан немаше да може да се брани од слобода откако практично беше во бегство, беше Ристо Катавеновски, кого Судскиот совет го разреши на крајот на јануари 2020 година. Постапката се одолговлекуваше бидејќи тој подолго време беше на боледување. За него допрва ќе следува второстепена постапка пред Врховниот суд, доколку поднесе жалба.