Директорот на КПУ затвор „Скопје“ Есад Рахиќ вели дека споредено со пред шест месеци, условите во „Шутка“ се многу подобри. Реновиран е покривот а поставени се и фотоволтаични системи кои произведуваат струја за топлење вода за потребите на затворот
Поголемиот дел од зафатите за реновирање биле со средства од донации кои изнесуваат околу 250 илјади евра.

„Неколку фирми донираа средства за реновирање келии и тоалети, донирани се кебиња, душеци, чаршафи, прехрамбени производи, облека и бела техника. Во делот на изработка на проекти се вклучија Земјоделскиот и Архитектонскиот факултет. Студентите направија проекти за инсталирање соларни панели кои произведуваат струја за производство на расад за нашите пластеници и стакленици. Тоа особено е важно затоа што сметаме прецесот на ресоцијализација е многу важен, бидејќи во тој дел имаме проблеми, над 85 проценти се повратници. Во таа насока ќе бидат ревитализирани и браварската, столарската, електричарската и автомеханичарската работилница“,
рече Рахиќ.
Во затворот се примени нови 11 затворски полицајци, а директорот најави дека ќе се примат уште десет. Таму сега има околу 95 припадници на затворската полиција.

Рахиќ истакна дека се работи на искоренување на корупцијата и на недозволеното користење телефони во затворот.
Но Шутка, сè уште нема канализација. Нејзиното конечно завршување е меѓу приоритетите за 2020 година за што Рахиќ вели дека добил ветување од Град Скопје.