Бугарскиот парламент вчера се обидел да свика вонредна седница на која требало да се сослуша премиерот Главчев за причините поради кои барал промена на позициите на Бугарија за резолуцијата за Сребреница. Но, седницата не се одржала поради немање кворум
Несоодветно е бугарската влада да покаже двоумење во однос на прифаќањето на резолуцијата на Обединетите нации со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Оваа изјава ја дал бугарскиот претседател Румен Радев откако вчера во бугарскиот медиум Бирд.бг се појавил документ во форма на дипломатска нота во која бугарскиот премиер Димитар Главчев бара од постојаната претставничка на Бугарија во Обединетите нации Лучезара Стоева да гласа воздржано на Генералното собрание за резолуцијата за Сребреница. Според бугарскиот претседател, Бугарија треба да биде јасна и доследна во афирмирање на демократските вредности и принципи во регионот.

Според бугарските медиуми, Стоева ги игнорирала инструкциите на Главчев и гласала „за“.
„Несоодветно е бугарската влада да покажува колебање и недоследност, во случај кога ние сме коавтори на една позиција за резолуција на ОН. Во врска со ова, мора да се утврдат сите факти и околности. Навистина, Бугарија мора да биде јасна и доследна за афирмирање на демократските вредности и принципи во нашиот регион“,
вели Радев.
Бугарскиот парламент вчера се обидел да свика вонредна седница на која требало да се сослуша премиерот Главчев за причините поради кои барал промена на позициите на Бугарија за резолуцијата за Сребреница. Но, седницата не се одржала поради немање кворум.
Генералното собрание на Обединетите нации на 23 мај со мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата за Сребреница. За резолуцијата гласаа 84 земји, против беа 19, а воздржани 68.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда. Текстот потоа беше спонзориран од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики меѓу кои и Северна Македонија, освен Србија и Црна Гора.
Официјален Белград се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата, тврдејќи дека на тој начин српскиот народ ќе биде прогласен за „геноциден“.