Тој, како што потсетува агенцијата БГНЕС, веќе најави дека ќе им даде максимално време на партиите за разговори за формирање на нова бугарска влада
Бугарскиот претседател, Румен Радев првата седница на новоизбраното 48. Народно собрание ја свика за 19 октомври, пренесе бугарската новинска агенција БГНЕС.

Од прес-службата на Радев денеска информирале дека шефот на државата го потпишал указот за свикување на првата седница.
Тој, како што потсетува агенцијата, веќе најави дека ќе им даде максимално време на партиите за разговори за формирање на нова бугарска влада.
Во рамки на преговорите за нова Влада, партијата на поранешниот премиер, Бојко Борисов, ГЕРБ која освои најмногу пратенички места на изборите пред една недела, но недоволно за апсолутно мнозинство, најави формирање на контактни преговарачки групи на чело со поранешниот претседатели на државата Росен Плевнелиев и ексминистерот за надворешни работи на земјата Соломон Паси.
„Продолжуваме со промената“ пак порачаа дека коалиција со ГЕРБ за нив е невозможна, но во парламентот ќе има теми на кои меѓусебно ќе се поддржуваат. Бугарската социјалистичка партија исто така, одби да учествува во коалиција со ГЕРБ, ДПС и Преродба. Од своја страна, од Преродба соопштија дека веќе имаат организиран кабинет.
Традиционално првата седница на бугарскиот парламентот ја отвора најстариот пратеник. Во 48. Народно собрание тоа е Вежди Рашидов, кој беше министер за култура во првата (2009-2013) и втората (2014-2017) влада на ГЕРБ.
Кон крајот на минатата недела Централната изборна комисија ги објави имињата на 240-те пратеници избрани во 48. Народно собрание, два дена порано од законскиот рок.
Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов повторно одби да биде пратеник, а и Николај Шабев од Продолжуваме со промените, и покрај освоеното место во парламентот најави дека ја напушта партијата и нема да биде пратеник.
Коалицијата ГЕРБ-СДС во новиот состав на бугарскиот парламент ќе има 67 пратеници, откако на изборите што се одржаа на 2 октомври за коалицијата гласале 634.627 лица или 25,33 отсто.
Продолжувамее со промените ќе има 53 народни претставници, ДПС ќе има 36 пратеници, партијата Преродба во новиот бугарски парламент ќе биде застапена со 27 пратеници, БСП освои 25 пратенички места, Демократска Бугарија ќе заземе 20 пратенички места, а Бугарски подем ќе има 12 народни претставници.