Во болниците во Бугарија досега се хоспитализирани 14 повредени во пожарот
Бугарија е подготвена по воздушен пат да преземе уште 10 повредени пациенти од С Македонија на лекување, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев. Во моментов, како што рече, се чека македонската страна да одлучи дали има потреба дополнителен број пациенти да бидат испратени на лекување во Бугарија.

Во болниците во Бугарија досега се хоспитализирани 14 повредени во пожарот.
„Подготвени сме и ќе продолжиме да помагаме за сè што е потребно. Во моментов чекаме македонската страна да одлучи дали има потреба да примиме уште 10 повредени од трагедијата. ‘Спартанецот’ и медицинските екипи се подготвени, па ќе дадеме помош“,
изјави бугарскиот претседател.
Најважно во оваа трагедија, како што додава Радев, е дека оваа трагедија покажува оти луѓето од двете страни на границата можат и мора да се потпираат еден на друг, не само во вакви денови на искушение, туку во име на заедничката европска иднина на двете земји.
„Бугарија и Северна Македонија се во жалост за младите загинати во пожарот во Кочани. Заедничка е болката за загубата на невини човечки животи и заедничка е надежта за брзо закрепнување на жртвите“,
додаде Радев.
Бугарскиот претседател денеска се потпиша во книгата на жалост отворена во Амбасадата на С Македонија во Софија и изрази сочувство до роднините на загинатите во пожарот во Кочани.