За исплата на октомвриската плата, работодавачите може да ги поднесуваат барањата за користење на финансика државна помош согласно антикризните мерки.
Управата за јавни приходи ги постави обрасците за поднесување на барањата, а поддршката која е дел од четвртиот пакет мерки, е скалеста и се движи од 14 500 до 21 776 денари. Барањата се поднесуваат преку системот Е-даноци, а Управата за јавни приходи, треба на работодавачот да му одговори најдоцна за три дена дали е комплетно барањето. Работодавачот треба да поднесе електронско барање за образец БФП-ИП/2 преку системот е-Даноци до Управата за јавни приходи за секој месец посебно.
Од УЈП велат дека согласно со Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено–економската криза предизвикана од ковид-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, физичките лица вршители на самостојна дејност може да поднесуваат барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства со образец БФС-СВД/2 електронски преку системот Е-ПДД, за секој месец посебно)
Целта на мерката, за која се предвидени 70 милиони евра е зачувување на работните места и задржување на платите на исто ниво. Предвидено е исплата на плата од 14 500 до 21 776 денари зависно од степенот на намелениот приход на работодавачот. Поддршката е предвидена за месеците октомври, ноември и декември, а исплатата ќе се врши до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.
Работодавачот за времетраење на финансиската поддршка и два месеци после месецот за кој е користена финансиската поддршка не треба да го намали бројот на вработените освен заради : пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.
Оправданите намалувања на бројот на вработени кај работодавачот кој е корисник на финансиска поддршка не смее да се намали за повеќе од 15 отсто кај работодавач кој имал до 50 вработени, односно 10 отсто кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени и пет отсто кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.
Средствата од финансиската поддршка се враќаат до 50 отсто од оние работодавачи кои имаат искажано позитивен финасиски резултат зголемен за непризнаените расходи и кои немаат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси. Враќањето ќе се врши на тримесечни рати без камата во месеците октомври, ноември и декември 2021 година
Работодавачи кои искажале негативен финансиски резултат односно искажале загуба пред оданочување и немаат обврски по основ на неплатени даноци и придонеси немаат обврска да ги враќаат примените финансиски средства.
За непочитување на законските одредби предвидени се глоби доколку на вработениот за кој е примена финансиска поддршка, исплатена е пониска плата од износот на примената финансиска поддршка и доколку не ја исполни обврската за враќање на добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд поради неисполнетост на условите за добивање финансиска поддршка.
Глобите се движат од 500 до 1000 евра за малите правни лица, односно 1000 до 10000 евра во денарска провивредност на големите правни лица, а глоби на одговорното лице во правното лице се движат од 100 до 500 евра во денарска противвредност.