Вицепремиерот Фатмир Битиќи најави дека пакетот мерки, кој ќе биде значително голем и ќе опфаќа повеќе категории граѓани во следните неколку месеци до крајот на годината, ќе се знае следната недела
Тежината на новиот пакет ќе зависи од ребалансот на Буџетот, кој ќе биде познат на почетокот на следната недела
На крајот од следната недела ќе се знае колку ќе тежи и што ќе содржи четвртиот пакет антикризни мерки, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Рече дека во моментов не може да каже детали бидејќи во тек се консултации со сите учесници, а воедно е поврзан и со ребалансот на Буџетот, за што до почетокот на следната недела се очекуваат информации од сите институции за потребните расходи до крајот на годината, по што ќе се знае и со колку пари ќе се располага.
Она што тој го кажа е дека четвртиот пакет мерки нема да се разликува многу од претходните, и ќе биде прилично голем, кој ќе опфати и категории кои претходно не биле дел од антикризните мерки.
„Не може да има големи отстапки од претходните бидејќи ја следат структурата на БДП. Четвртиот пакет мерки ќе се структурира во таа низа мерки и ќе оди малку подалеку да се помогне и во секторите каде што претходно не сме дале помош, како образовните процеси, згрижување на децата во предучилишна возраст и други мерки што значат стимулација. Тие можеби компаниите не ги гледаат како директна стимулација, но ќе ги ослободиме од некој финансиски товар“,
рече Битиќи.
Пакетот ќе опфати неколку месеци до крајот на годината и повеќе категории луѓе.