Опозицијата, како од македонскиот така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија
Работната група за уставните измени идната недела треба да ја одржи првата седница. Како што веќе соопшти Министерството за правда, во неа ќе учествуваат поранешни уставни судии и професори, како и партиски претставници со исклучок на опозицијата. Номинираните членови ќе работат на утврдувањето на уставните амандмани.
Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кусо порача дека учеството на неговата партија во оваа работна група за него е затворено прашање.
„Ковачевски кукавучки се крие зад работната група за уставни измени. Работната група за уставни амандмани нема кредибилитет, вистинските експерти со време се оградија… Колку СДС не знае што прави покажува фактот дека во работната група ја ангажирале и Јагода Митревска, која самата се фали дека има искуство со кампањи и следење на избори во Русија. Па така од набљудувач на кампањи во Русија до креатор на Уставни измени во Македонија“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак, го повикаа Мицкоски да престане да омаловажува професори и да понесе морална одговорност оти не учествува во ниту една државна одлука.
„Она што сега го прават ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски е токму тоа паниката што ја имаат во своите редови. Се погласни се оние информации дека пратеници па и градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржат и се за уставните измени. Оттука потекнуваат сите овие манипулации за закани, за уцени, нешто што е својствено токму само за ВМРО-ДПМНЕ и сами видовте како ги тераа своите пратеници да потпишуваат нотарски изјави којшто исто беа правно доведени во прашање“,
кажа на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Опозицијата, како од македонскиот така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.