Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната седница на Економско-социјалниот совет истакна дека работата на далечина ќе биде вградена во новиот закон за работни односи.
„Во периодот на пандемија како општество направивме сериозен исчекор во приспособување на работниот процес онаму каде што можеше согласно условите коишто беа наметнати од новонастанатата состојба“,
рече Шахпаска на седницата на ЕСС, во врска со анализите направени од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Анализите, кои се во рамки на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, се однесуваат на претприемачката култура, работата на далечина, пристапот на микро, мали и средни претпријатија до финансиски средства и претприемачкиот екосистем во Северна Македонија.
„Овие анализи ќе бидат од голема корист во развојот и имплементацијата на економско социјалните политики“,
вели Шахпаска.
На денешната седница беше презентирана и разгледана нацрт-рамката на индикатори кои ја мерат ефикасноста на економско-социјалните совети на државите од Западен Балкан. Овој документ е подготвен во рамки на регионалниот проект Платформа за вработување и социјални прашања 2.
„Значењето на овие индикатори е големо, бидејќи токму преку нив ќе можеме компаративно да ја согледаме ефикасноста на нашиот Економско-социјален совет во однос на истите вакви тела од регионот, а со тоа ја унапредиме и неговата улога во водењето на социјалниот дијалог“,
рече министерката Шахпаска.
На иницијатива на Организација на работодавци на Македонија, на седницата на ЕСС беше презентирано и Националното истражување во рамки на проектот „Меѓугенерациски јаз“ спроведено од нивна страна. Ова истражување има за цел добивање на суштински податоци за управувањето со стареењето и меѓугенерациските предизвици на македонскиот пазар на трудот.
„Истражувањето упатува на тоа дека повозрасните работници поседуваат работно искуство, знаење и посебни вештини, додека пак слабост им е новата технологија. На новите генерации предност им се вештините и познавањето на информатичката технологија, а слабост немањето доволно искуство. Оттука произлегува и суштинското значење во надминувањето на меѓугенерацискиот јаз кој лежи во премостувањето на овие генерациски разлики, преку размена на искуство и знаење“,
појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.