Путин ја опиша серијата руски напади врз енергетските капацитети на Украина и другата клучна инфраструктура како легитимен одговор на нападот на клучниот мост што го поврзува Крим со руското копно, и други напади за кои Кремљ тврди дека ги извршила Украина
Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека неговата земја ќе продолжи да ја напаѓа енергетската инфраструктура во соседна Украина и покрај досегашните напади кои веќе предизвикаа прекини на струја и вода во зимски временски услови, јави Би-би-си.
Путин ја опиша серијата руски напади врз енергетските капацитети на Украина и другата клучна инфраструктура како легитимен одговор на нападот на клучниот мост што го поврзува Крим со руското копно, и други напади за кои Кремљ тврди дека ги извршила Украина.
„Да, ги напаѓаме, но кој почна прв? Кој го нападна мостот на Крим? Кој ги разнесе далноводите поврзани со нуклеарната централа Курск?“,
рече Путин на маргините на церемонијата за доделувањето на државните награди во Кремљ, меѓу кои и медалот „Херој на Русија“.
Тој ја обвини Украина дека ги минирала далноводите од нуклеарната централа Курск и дека го прекинала снабдувањето со вода во упориштето на проруските сепаратисти Донецк, на истокот на земјата.
„Да не се снабдува со вода град со повеќе од милион жители е чин на геноцид“,
рече Путин обвинувајќи го Западот дека замижува пред постапките на украинските власти.
Тој рече дека критиките за руските напади нема да ја попречат Русија во нејзините борбени мисии.
Од нападот на мостот кој го поврзува Крим со руското копно во октомври годинава, Русија изврши бројни ракетни напади врз цивилната енергетска инфраструктура, оставајќи милиони Украинци без струја, вода и греење во време кога температурите паѓаат под нулата.