Подготвени сме да преговараме со сите за прифатливи решенија, но тоа зависи од нив. Не сме ние тие што одбиваат да преговараат, тие одбиваат, вели рускиот претседател
Владимир Путин вели дека Москва е подготвена да преговара за крај на војната, но ги обвини Украина и Западот дека одбиваат да направат компромис.
„Подготвени сме да преговараме со сите за прифатливи решенија, но тоа зависи од нив. Не сме ние тие што одбиваат да преговараат, тие одбиваат“,
изјави рускиот претседател на државната телевизија.
Путин вели дека дејствуваат во вистинската насока.
„Верувам дека дејствуваме во вистинска насока, ги браниме нашите национални интереси, интересите на нашите граѓани, нашиот народ. И немаме друг избор освен да ги заштитиме нашите граѓани“,
додаде Путин.
Тој тврди дека е „100 отсто“ сигурен дека Русија ќе ги уништи американските ракети „Патриот“ во Украина и го критикуваше Западот за обидот да ја „распарчи“ Русија.
„Во сржта на сето тоа е политиката на нашите геополитички противници, кои имаат за цел да ја распарчат Русија, историската Русија. Тие отсекогаш се обидувале да „поделуваат и освојуваат. Нашата цел е нешто друго – да го обединиме рускиот народ“,
рече Путин.
Путин додаде дека Москва инсистира дека нејзината таканаречена специјална воена операција има за цел да ги заштити луѓето што зборуваат руски во Украина.
Утрово како што објави гувернерот Јарослав Јанушевиќ Русите повторно го нападнале Херсон при што најмалку 16 лица се загинати, а 64 се ранети.
„Русите отворија оган врз Херсон 71 пат со артилерија, ракетни системи и минофрлачи“,
изјави утрово Јанушевиќ.
Тој додава дека е нападнат регионалниот центар 41 пат.
„Центарот на Херсон беше под силен непријателски оган, цивили беа убиени, а згради беа уништени. Индустриски објекти, здравствени установи, семејни домови и станбени блокови исто така беа погодени од непријателско гранатирање“,
додаде тој.
Меѓу загинатите има и тројца работници на украинската служба за итни случаи, кои загинаа при експлозија на мина додека деминирале во областа Берислав, соопштија официјални лица.
Јанушевиќ рече дека секој што сака да дарува крв за да им помогне на настраданите од вчерашното гранатирање може бесплатно да патува со такси до центарот за дарување крв во Херсон.