Рускиот претседател нагласи дека односите меѓу двете земји се развиваат според планираното, а дека тие дополнително ќе се продлабочат со посетата на кинескиот претседател Си Ѓинпинг на Русија
Односите меѓу Русија и Кина се клучни за стабилизирање на меѓународната ситуација, оцени рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со Ванг Ји, шеф на канцеларијата на комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК).
„Меѓународните односи денес се комплицирани. Соработката меѓу Кина и Русија на светската сцена е многу важна за стабилизирање на меѓународната ситуација“,
рече Путин на средбата со Ванг Ји.
Рускиот претседател нагласи дека односите меѓу двете земји се развиваат според планираното, а дека тие дополнително ќе се продлабочат со посетата на кинескиот претседател Си Ѓинпинг на Русија.
Во коментарите емитувани на руската државна телевизија, Ванг Ји рече дека односите меѓу Пекинг и Москва не можат да бидат под влијание на други земји, но и дека не се насочени против трети земји. Кинескиот функционер ја изрази желбата на Пекинг да го зајакне стратегиското партнерство и соработката во сите сфери со Москва.
Пред средбата со Путин, Ванг Ји разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Нашите односи се развиваат на безбеден и динамичен начин. И покрај силните превирања на меѓународната сцена, ние покажуваме единство, желба да ги браниме меѓусебните интереси“,
рече Ванг на средбата со шефот на руската дипломатија.
Како близок сојузник на Русија, Кина никогаш не ја поддржа или јавно ја критикуваше руската воена офанзива во Украина и постојано ја изразуваше својата поддршка за Москва наспроти западните санкции, но исто така повикува и на почитување на територијалниот интегритет на Украина.