Како директор на новото работно место, Зафировски вели дека ќе се залага за поквалитетни здравствени услуги и третман на пациентите на високо стручно ниво

Оливер Зафировски е нов медицински директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје. Зафировски на функцијата доаѓа на местото на досегашниот директор Дејан Докиќ.
За новата позиција која ја добива, Зафировски информира на својот фејсбук-профил, каде во објавата им се заблагодарува на своите колеги од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, каде што работел повеќе од 30 години и заедно ја изградиле во врвна медицинска институција.
Како директор на новото работно место, Зафировски вели дека ќе се залага за поквалитетни здравствени услуги и третман на пациентите на високо стручно ниво.
„Верувам дека конечно ќе ја вратиме довербата во нашиот здравствен систем, каде граѓаните ќе се лекуваат по светски стандарди“,
се наведува во објавата на Зафировски.
Нов директор минатата недела доби и скопска Гинекологија, каде на местото на Викторија Јовановска, која со оваа клиника раководеше речиси седум години, сега е поставена Ирена Алексиоска-Папестиев.
Покрај на Гинекологија, министерот за здравство Арбен Таравари минатата недела постави нови директори на повеќе клиники.
На Универзитетската клиника за уво нос и грло е именуван Игор Камшикоски, на Универзитетската клиника за дерматологија Катерина Дамевска, на Универзитетскиот институт за радиологија Соња Николова, додека на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболични нарушувања – Танер Хасан.
Д-р Небојша Настов е нов в. д. директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а д-р Злате Мехмедовиќ на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација.
Клиниката за психијатрија ќе ја раководи д-р Славица Арсова-Хаџиангелковска, а за директор на Клиниката за гастроентерохепатологија е именувана д-р Мери Трајковска, на Нефрологија е д-р Никола Ѓоргиевски, а на Ревматологија е д-р Емилија Сандевска.
Министерот Таравари го именуваше Арѓент Муча за директор на Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ Гостивар.
Министерот за здравство Арбен Таравари неколку дена откако ја презеде функција, ги разреши економските директори на клиниките, кои се водеа како вршители на должност.
Таравари пред изборот на новата влада, најави дека како министер за здравство штом ја преземе функцијата, ќе се заложи за разрешување на економските директори на клиниките, за кои рече оти близу 90 отсто се в.д. директори, а за останатите кои се со решенија ќе поднесат предлог-измени на законот за веќе да не постојат економски директори.