Протестот ќе почне во 12:30 часот пред зградата на ССМ по што ќе продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата каде ќе бидат упатени барањата
Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот со синдикален протест барајќи усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата.
Синдикатот бара линеарно зголемување од 2 806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.

Протестот ќе почне во 12:30 часот пред зградата на ССМ по што ќе продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата каде ќе бидат упатени барањата.
Од ССМ ги повикаа и останатите синдикални организации и конфедерации во земјава да се приклучат на првомајскиот протест и заеднички да се изборат за работничките права.
„Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите, за зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ на сите вработени во приватниот и јавниот сектор, како и за креирање на нови визии и перспективи. Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето за зголемување на платите на работниците“,
се вели во прогласот на ССМ.
Поддршка од институциите
Први мај е вистинска можност за потсетување на нашиот стремеж кон подобро и поправедно, европско општество. Како држава, треба постојано да вложуваме напори за унапредување на правата на сите работници, се вели во честитката по повод Денто на трудот од претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Да се бориме за вистинска валоризација на секој работник и работничка во земјата, на секој поединец кој преку својата дејност, со својот труд и пожртвуваност придонесува за заедничкото добро. Први мај е вистинска можност за потсетување дека нашиот стремеж за подобро, поправедно, европско општество во секој сегмент од животот треба со заеднички сили да го преточиме во секојдневие. Наша задача не е само да ги обезбедиме и штитиме, туку постојано да ги унапредуваме работничките права. Да бидеме гласни кон неправдите, да ги почитуваме работниците и нивното право на достоинствен живот, зашто само така ќе успееме во толку потребниот прогрес, што секој работник и секој граѓанин го заслужува“,
наведува претседателот Пендаровски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во честитката порачува дека сите постојано треба да се бориме за почитување на работничкиот труд и работничките права, но се осврнува и на протестот на просветните работници, изразувајќи надеж дека набрзо ќе се постигне договор за нивните примања зашто децата, како што потенцира, не смеат да трпат.
„Работниците претставуваат огромна заедница со чиј труд, придонес и посветеност сме тоа што сме или пак, без кои никогаш не би биле тоа што сме. Секој момент, секој атом енергија што го трошат за да обезбедат нормално функционирање на нашето секојдневие, за да има леб на трпезата, за да имаме покрив над главата, за да се образуваат и лекуваат нашите деца, нашите граѓани, треба да не потсети дека не само денес, туку секој ден, секој час треба да се бориме сите за почитување на работничкиот труд и работничките права, за обезбедување на пристојни работни услови, за заштита на работните места и постојано креирање на нови, за достоинствена плата и еднакво вреднување на работата на секој работник или работничка, без дискриминација“,
се вели во честитката од Џафери.

Поддршка за борбата за работнички права даде и премиерот Димитар Ковачевски.
Во пораката тој истакнува дека работниците се движечката сила на економијата и општествениот развој и затоа Владата, како што рече го препознава и го вреднува нивниот труд.
„Меѓународниот ден на трудот годинава го славиме во услови на глобална економско-енергетска криза. И покрај сите предизвици, останавме посветени на подобрување на условите за работа и зголемување на платите на работниците“,
вели Ковачевски и потсетува на дијалогот што започна со ССМ за постигнување на нов општ колективен договор за јавниот сектор, со кој ќе се овозможи континуиран раст на платите според критериуми кои заеднички ќе ги утврдат.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во честитката до работнците потсети дека годинава како никогаш досега македонските работници се понижени и обесправени, а нивниот труд воопшто не е вреднуван – наместо подобри услови за работа, повисоки плати, работниците во Македонија трпат секојдневни притисоци и добиваат откази во услови кога нивните трошоци за живот вртоглаво растат.
„Токму во очи на 1-ви Мај – Денот на трудот, сведоци сме на закани, притисоци кон синдикатите и македонските работници како и попречување на уставното загарантирано право на штрајк. Власта преку тортура се обидува да ја покрие својата неспособност на работниците да им го испорача она кое што им следува по закон и да им ги покачи платите согласно растот на минималната плата“,
се вели во писмената изјава на Мицкоски.
Тој порачува дека итно е потребен излез од оваа безнадежна ситуација и повикува на национално обединување против, како што вели, корумпираната елита на власта и предвремени парламентарни избори за излез од кризата.

Социјалната правда и унапредување на работничките права за нас остануваат врвен приоритет. Владата предводена од СДСМ е во постојана комуникација со синдикатите и работодавците за да дојде до решенија кои значат подобри услови за работа, се вели во честитката од СДСМ.
Од владејачката партија ја истакнуваат поддршката за борбата а работниците и истакнуваат дека продолжуваат да се грижат за работниците и за градење развојна економија која носи можности за повисоки плати и отворање на нови добро платени работни места.