За случајот со четирите атрактивни парцели на плоштадот „Македонија“ и на кејот на Вардар, денеска, се одржа првото рочиште.
Во случајот познат како „Шпански скали“ првообвинет е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тој се изјасни дека е невин.
Обвинетите се товарат дека склучиле договори за продажба на државно земјиште на кое требало да се изградат хотелски комплекси, а една од парцелите била наменета за изградба на „Шпанските скали“. Во 2018 година општина Центар го поништи одобрението за градба.
Според обвинителството, иако инвеститорите доцнеле со договорената градба, договорите не биле раскинати, а земјиштето не било вратено во државна сопственост.
Јанакиевски пред судот рече дека во „Шпански скали“ го гонат заради тоа што не раскинал договор додека пак во случајот „Топлик“ за „Сончев град“ затоа што раскинувал договори. Тој рече дека дел од обвинението не го ни разбира.
Обвинителката Ивана Трајчева нагласи дека токму тој како министер е одговорен и надлежен да склучува и потпишува договори со други лица и дека при водењето на постапката имал точен рок за одобрение за градење и за кој треба да се почне и заврши проектот.
„Поминати се 10 години, земјиштата се отуѓени на физички и правни лица, ниту се почнати градбите ниту се плаќани камати“,
истакна Трајчева.
Во предметот обвинети се вкупно 11 лица.