Основниот кривичен суд во Скопје го прифати во целост обвинението против 11 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за незаконска продажба на државно земјиште во центарот на Скопје, предмет познат како „Шпански скали“.
Тие се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба, а едно лице е обвинето за несовесно работење во службата, односно за незаконитости во продажбата на четири атрактивни локации во центарот на Скопје, покрај Вардар.
По прифаќањето на обвинението, сега треба да почне и судскиот процес. Пред да се закаже првото рочиште, случајот според АКМИС-системот треба да биде распореден кај судија од одделението за организиран криминал и корупција.
Истрагата за овој предмет беше отворена во јуни лани, а обвинението беше поднесено во декември.
Јанакиески е првообвинет во овој случај на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Тој како поранешен функционер веќе е на обвинителна клупа и во неколку предмети што ги отвори СЈО, како што се: „Титаник“, ТНТ, „Талир“, „Траекторија“… Од редовното обвинителство тој е обвинет во уште еден предмет – за организацијата на настаните од 27 април 2017.
Јанакиески, како првообвинет, и вработени во Министерството за транспорт и врски, во Катастар, нотари и бизнисмен, се осомничени дека склучиле 4 договори за продажба на државно земјиште – на кое требало да се изградат хотелски комплекси. Една од парцелите била наменета за изградба на Шпанските скали.
Според ОЈО, тие во периодот од 21.12.2010 година до 8.8.2018 година, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на договорите за отуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во државна сопственост, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист.
Во предметот се обвинети и две службени лица што вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на договорот за отуѓување и Законот за нотаријат, едно лице, сопственик на правно лице, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар, едно лице кое во својство на службено лице не водејќи сметка за имотните права и интереси на државата и не извршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и едно службено лице кое со пропуштање на должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа – договорот за отуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на отуѓувачот, несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.
Се работи за земјиште со вкупна површина од повеќе од 26 000 квадратни метри, а буџетот, според обвинението, е оштетен за околу 2,6 милиони евра.