Борбата против новиот коронавирус досега е битка против непознатото за докторите.
Како го напаѓа телото? Што содржи целосната листа на симптоми? Кој има поголеми шанси сериозно да се разболи или да почине? Како да се лекува?
Докторите што се на првата линија на „фронтот“ во Вухан, Кина, почнаа да ги споделуваат првите одговори, јавува Би-би-си. Деталната анализа на првите 99 пациенти веќе е објавена во медицинското списание „Лансет“.
„Напад“ на белите дробови
Сите 99 пациенти што завршија во болницата во Вухан, Кина, имале пневмонија. Нивните бели дробови биле воспалени, а алвеолите (мали шупливи чаури во белите дробови кои овозможуваат внесување на кислород во крвта) им се полнеле со вода.
Другите симптоми се:
- 82 имале висока температура;
- 81 имале кашлица;
- 31 имале губење на здив;
- 11 имале болки во мускулите;
- 9 биле конфузни;
- 8 имале главоболка;
- 5 имале воспалено грло.
Првите смртни случаи
Првите двајца пациенти што починале биле навидум здрави, иако и двајцата биле долгогодишни пушачи што им ги ослабело белите дробови низ годините.
Првиот починат е 61-годишен маж, кој во болница бил примен со тешка форма на пневмонија. Имал синдром на акутен респираторен дистрес, што значи дека неговите бели дробови не биле во можност да обезбедат доволно кислород за нормална работа на виталните органите.
И покрај тоа што бил приклучен на апарати за дишење, белите дробови му откажале, а потоа и срцето. Починал 11 дена од приемот во болница.

Вториот починат пациент бил 69-годишен маж, кај кого, исто така, бил присутен синдром на акутен респираторен дистрес. Тој бил приклучен на машини кои се наречени „вештачки бели дробови“, но тоа на крај не помогнало. Починал поради тешка пневмонија и септичен шок.
Починале 11% од хоспитализираните 99
Од 25 јануари до сега, од 99 пациенти:
- 57 сè уште се во болница;
- 31 се пуштени дома;
- 11 починале.
Бројките не значат дека смртноста од коронавирусот е 11%. Можно е да починат и други пациенти што се во болницата во Вухан, но можно е и голем дел од оние што имале само благи симптоми воопшто да не отишле на доктор.
Пазарџиите
Претпоставките засега се дека извор на инфекцијата е пазарот за риба и морски плодови во Хуанан. Речиси половина од пациентите во болницата во Вухан имале директен контакт со пазарот.
- 47 работеле таму, како пазарџии или раководни лица;
- 2 биле купувачи.
Најпогодени засега се средовечните мажи
Најголемиот дел од 99-те пациенти во болницата во Вухан се во средни години, од 56 до 67-годишна возраст. Повеќето се мажи.
Сепак, последните податоци сугерираат дека болеста речиси подеднакво ги напаѓа двата пола. Кинеските центри за превенција и контрола на болести соопшти дека на 100 заразени жени има 120 заразени мажи.
Има две можни објаснувања за разликите:
- Можно е мажите потешко да го поднесуваат вирусот и да им биде потребна болничка нега;
- Мажите, поради општествени или културни причини можеби биле повеќе изложени на вирусот на почетокот на инфекцијата.
Најтешко болните веќе имале некаква слабост
Најголемиот дел од 99-те пациенти згрижени во болницата во Вухан имале и други болести кои можеби влијаеле да бидат поранливи на вирусот:
- 40 имале слабо срце, оштетени крвни садови или преживеале инфаркт или мозочен удар;
- Други 12 пациенти имале дијабетес.
*Поврзани вести
СЗО прогласи вонредна состојба на глобално ниво поради коронавирусот