Осум горили се заразени со вирусот од вработен во зоолошката кој бил асимптоматски случај, а три имаат симптоми како кашлица
Неколку мајмуни во зоолошката градина „Сафари парк“ во Сан Диего во Калифорнија се заразиле со коронавирус, што е прв познат случај на пренесување на тој вирус на големи мајмуни, објави зоолошката градина.
Осум горили се заразени со вирусот од вработен во зоолошката кој бил асимптоматски случај, и покрај тоа што се применувале строгите протоколи за биосигурност во согласност со упатствата од Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ).
Зоолошката градина тестирала примероци од измет од горилите откако две од нив почнале да кашлаат, велат од Зоолошката градина.
Прелиминарните резултати покажале присуство на коронавирусот само кај некои горили, но бидејќи се работи за групни живеалишта, се претпоставува дека биле заразени цела група од пет женки и три мажјаци горили.
Три горила во моментов имаат знаци на болеста ковид, како кашлица, а целата група е под надзор.
Групата останува заедно, но е во карантин.
Коронавирусот досега е откриен и во голем број други видови на диви животни кои се чуваат во зоолошки градини, вклучувајќи неколку лавови и тигри во зоолошката градина Бронкс во Њујорк и четири лава во зоолошката градина во Барселона, Шпанија.
Но, горилата во Сан Диего се првиот познат случај на инфекција потврдена кај мајмуни, изјави портпаролот на зоолошката градина Ендру Џејмс.
Горилите се членови на големото семејство мајмуни, кое вклучува и шимпанза, орангутани и бонобо.
Вирусот досега се појави и кај многу домашни кучиња и мачки. Минатиот месец, Министерството за земјоделство на САД го потврди првиот познат случај на коронавирус кај животно во дивина, а инфекцијата е откриена кај визон.