Командантот на Хеликоптерската единица на српското МВР, Ненад Недиќ, информира оти еден од двата противпожарни хеликоптери Камов Ка-32, кои ги поседува хеликоптерската единица, а е од руско производство, за првпат се испраќа надвор од границите на Србија
Соседна Србија утринава ги испрати противпожарниот хеликоптер Камов Ка-32 и седумчлениот екипаж од Хеликоптерската единица и на српското МВР кои треба да помогнат во гасењето на пожарите во земјава.
На испраќањето присуствувал и српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Во изјава за тамошните медиуми, Дачиќ изјавил дека властите во земјава се запознаени со способностите и капацитетите на Србија во однос на справувањето со пожари и оти го барале токму хеликоптерот Камов Ка-32 бидејќи може да носи пет тони вода. Посочил оти вакви случаи се реагира само доколку има барање за помош.
„Подготвени сме да помогнеме секаде каде што е потребно, се разбира имајќи ги предвид процедурите и барањата испратени од други земји. Не станува збор само за хеликоптер, овој хеликоптер ќе биде распореден во Северна Македонија со седум членови на екипажот. Нашите единици на Секторот за вонредни состојби заминуваат заедно со Хеликоптерската единица, бидејќи во овој случај дејствуваат заедно“,
изјави Дачиќ, пренесе дописникот на МИА од Белград.
Тој потсетил оти Србија е дел од Европскиот механизам за цивилна заштита, кој е формиран за поддршка на напорите за спречување катастрофи и зајакнување на подготвеноста на единиците за цивилна заштита да дејствуваат на национално, регионално и локално ниво.
Освен Дачиќ, за медиумите се обратил и командантот на Хеликоптерската единица на МВР, Ненад Недиќ, кој информира оти еден од двата противпожарни хеликоптери Камов Ка-32, кои ги поседува хеликоптерската единица на МВР, а е од руско производство, за првпат се испраќа надвор од границите на Србија.
Началникот на Одделението за вонредни состојби, Лука Чаушиќ, пак, изјави дека припадниците на српското МВР ќе бидат ангажирани во гаснењето на пожарите на планината Серта во општините Неготино, Конче и Штип.
Претходно денеска европскиот комесар за хуманитарна помош и управување со кризи, Јанез Ленарчиќ, се заблагодари на земјите од регионот кои понудија помош во справувањето со пожарите во С Македонија.