Посебен акцент бил ставен на естетско-функционалните протези, кои се изработуваат по мерка откако ќе заврши процесот на заздравување на кожата

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Сашо Клековски, денеска оствари средба со Шпела Керин, протетичарка од Кршко, Словенија. Керин, која е водечки стручњак во регионот за протези за раце и лице (епитези) со над 25-годишно искуство, е во работна посета на земјава со цел да ја процени состојбата на повредените во неодамнешната трагедија во Кочани.
На средбата со Клековски, како што соопштија од ФЗОМ, се разговарало за специфичните потреби на повредените и постоечките можности за нивна рехабилитација. Посебен акцент бил ставен на естетско-функционалните протези, кои се изработуваат по мерка откако ќе заврши процесот на заздравување на кожата. Разговарале и за моделите на финансирање од страна на Фондот, притоа користејќи ги искуствата од Словенија и Хрватска.
Во Македонија веќе има петмина корисници на протезите на Шпела Керин.
Клековски претходно имал комуникација и со израелската амбасадорка Симона Франкел, здравствените власти, како и со докторите кои ги водеа израелските тимови за помош на повредените од Кочани, д-р Шахар Шапира од медицинскиот центар „Шиба“ и д-р Омер Марин, директор на „Шер Зедек“ во Ерусалим.
Директорот на ФЗОМ испрати пораки за мир и безбедност, а од Фондот посочуваат дека тимовите од Израел кои помогнаа по трагедијата во Кочани се безбедни, но моментално се ангажирани во третман на повредените од ракетните напади.
„Тие упатуваат поздрави до повредените во Кочани и се посветени дека ќе дојдат да помогнат веднаш штом состојбата се стабилизира. Нивната помош за Кочани никогаш нема да ја заборавиме! Продолжуваме со соработката со експерти за да обезбедиме најдобра здравствена заштита за повредените!“,
стои во соопштението од ФЗОМ, заедно со хаштазите #Здравство #Кочани #Солидарност #Поддршка.
Клековски минатата недела го најави доаѓањето на словенечката експертка. Тој рече дека се на пат и се консултираат со експерти од Белгија кои биле тука во првата фаза, да дојдат на една проценка за да се види за натамошни, долгорочни чекори, вклучувајќи останување на потребата доколку е потребно лекување во странство во некоја од наредните фази на третман на повредените.
Пожарот во „Пулс“ избувна рано наутро на 16 март, зеде 62 жртви, а околу 200 лица се здобија со повреди и беа пренесени на лекување во болниците низ земјава и странство.