Протестниот марш почна пред владината зграда и продолжи кон Министерството за правда, каде дел од граѓаните симболично положија бели рози пред полицајците кои ја обезбедуваат зградата
Учесниците на протестот „Ултиматум не, благодарам“, кој се одржува шести ден против францускиот предлог, пристигнаа пред Собранието. Засега протестот се одвива мирно, а собраниската зграда е обебзедена од полициски кордон.
Протестниот марш почна пред владината зграда и продолжи кон Министерството за правда, каде дел од граѓаните симболично положија бели рози пред полицајците кои ја обезбедуваат зградата.
Како и во изминатите денови од протестот учесниците бараат оставки и отфрлање на предлогот и се пеат патриотски песни.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред стартот на протестот порача дека нема да наседнуваат на провокации, истакнувајќи дека силата е во масовноста, а не во насилството.
По пристигнувањето на предлог преговарачката рамка во Собранието, Мицкоски порача дека Владата „се плаши самата да донесе одлука и тежиштето го префрла во Парламентот“, нагласувајќи дека ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени.
За време на вчерашниот протест против францускиот предлог беа повредени тројца полициски службеници, а приведени пет лица. Јавното обвинителство вечерва соопшти дека е предложен притвор за три лица осомничени за инциденти за време на протестите во Скопје.