Од пред Владата протестот ќе продолжи со марш до Министерството за правда, а ќе заврши пред Собранието
Шести ден по ред вечерва од пред Владата под мотото „Ултиматум не, благодарам“ започна протест против францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и почеток на преговорите со ЕУ.
Според најавите, исто како и претходните денови од Владата протестот ќе продолжи со марш до Министерството за правда, а ќе заврши пред Собранието.
Во пресрет на протестот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати апел до граѓаните и политичките партии кои сакаат да го искажат своето право на протест, тоа да го сторат на начин преку кој, како што наведе, ќе демонстрираат демократски капацитет, со должно почитување на законските одредби за јавни собири, како и почит кон должноста на полициските службеници во обезбедувањето на мирот и стабилноста.
На мирни протести повикаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму ја обвинија и власта на СДСМ и ДУИ дека свесно режира инциденти преку уфрлени провокатори.