Во изјавата на почетокот на денешниот протест, Мицкоски уште еднаш ја обвини власта дека режира инциденти преку инфилтрирани групи, порачувајќи дека нема да наседнат на провокациите бидејќи знаат кои се сценаристите
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва изјави дека не ја гледа логиката зошто владата одлучила денеска да ја пренесе преговарачката рамка и заклучоците на Советот на ЕУ, кои се предлог од француското претседателство, во Собранието. Според него, Владата е таа што треба да одлучи, а потоа да одлучи парламентот.
„Ја користам оваа прилика да кажам дека денеска ја добивме информацијата дека Владата одлучила преговарачката рамка и оној втор документ кој претставува заклучоци на Советот кои се практично дел од договорот кој владата на СДСМ и ДУИ го направила со официјална Софија, го пренесле денеска во парламентот иако никој не ја гледаме логиката зошто во парламентот кога станува збор за меѓувладина односно владата е таа која носи одлука во сето ова. Доколку донесе Владата одлука за што ние силно протестираме и велиме да биде таа ’не‘, тогаш парламентот е тој што одлучува, а јас силно ве уверувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени“,
изјави Мицкоски на почетокот на вечерашниот, шести по ред, протест против францускиот предлог.
Тој уверува дека нема да има пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе излезат од пратеничката група и ќе обезбедат двотретинско мнозинство на власта (80 глас) за уставни измени односно за вметнување на Бугарите во Уставот, како што беше случај со уставните измени направени согласно Преспанскиот договор.
Како ќе делува партијата во парламентот откако денеска владата го испрати предлогот до Собранието, Мицкоски рече дека деновиве ќе одлучат со која стратегија ќе настапат.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе делува согласно стратегијата која ќе ја договориме, а стратегијата е да сториме се да му објасниме на народот на Македонија дека ова не е иднина, ова е предавство кое ја стопира таа иднина“,
рече Мицкоски.
Во изјавата на почетокот на денешниот протест, Мицкоски уште еднаш ја обвини власта дека режира инциденти преку инфилтрирани групи, порачувајќи дека нема да наседнат на провокациите бидејќи знаат кои се сценаристите.
„Тие се оние кои не сакаат сето ова да успее, кои сакаат да ги задржат своите фотелји и привилегии на грбот на народот. Занеме дека се тие оние кои ги мотивираат и организираат како што тоа се случуваше изминатите денови. Овој мирољубив народ знае дека силата е во масовноста, не е силата во насилството. Насилството е предавство на вредностите во кои веруваме, а веруваме во мирен и демократски начин на изразување незадоволство против ова што го подготвува оваа корумпирана, анационална и предавничка власт. Затоа сакам сите заедно да им порачаме едно големо ’не‘ и на тие насилници кои се обидуваат да го контаминираат овој сенароден, голем и чист како солза протест против ова национално предавство кое се подготвува“,
изјави Мицкоски.