Учесниците на протестот носеа транспаренти со пораките „Фашизмот не е алтернатива“ и „Стоп на нацистите од АфД! Стоп на расизмот и социјалните намалувања“ и скандираа „Сите заедно против фашизмот!“ Стотици луѓе се собраа и на протест и во блискиот град Потсдам вечерва, пренесува ДПА

Неколку илјади луѓе се собраа денеска пред Бранденбуршката порта во Берлин за да протестираат против крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) по нејзината убедлива победа на покраинските избори во Саксонија-Анхалт.
Полицијата процени дека се собрале околу 5 000 луѓе и соопшти дека протестот поминал без инциденти, додека организаторите ја проценија бројката на околу 14 илјади.
Меѓу демонстрантите беа познатата германска активистка за климатски промени Луиза Нојбауер и главните кандидати на Зелените и на Левицата на покраинските избори во Берлин, кои ќе се одржат на 20 септември, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Учесниците на протестот носеа транспаренти со пораките „Фашизмот не е алтернатива“ и „Стоп на нацистите од АфД! Стоп на расизмот и социјалните намалувања“ и скандираа „Сите заедно против фашизмот!“ Стотици луѓе се собраа и на протест и во блискиот град Потсдам вечерва, пренесува ДПА.
Саксонија-Анхалт е федерална покраина во источна Германија со 2,1 милион жители и со главен град Магдебург. На вчерашните покраински избори таму, АфД постигна историска победа, освојувајќи 43,8 проценти од гласовите и 39 од 83-те места во покраинскиот парламент. Партијата не стигна до апсолутно мнозинство, за што ѝ беа потребни 42 места.
Владејачката партија ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц заврши втора со 15 места, додека СПД, Зелените и Левицата освоија по 8. Пет места освои малата левичарско-популистичка партија БСВ. Ниедна од овие партии не сака да соработува со АфД за да формира влада во покраината.
