Локалното население поставува барикади на патот што води до локациите каде што грчката влада реши да се градат прифатни центри за бегалци
Жителите на Лезбос и Хиос во Грција утрово продолжија со блокадите по инцидентите во текот на ноќта и обидите да ги спречат камионите и булдожерите кои под силно полициско обезбедување стигнаа на островите за изградба на затворените центри за бегалци и мигранти.
Локалното население овој пат блокадите ги постави на патот што води до локациите предвидени за изградба на затворените центри. Префектот на северниот дел од Егејското Море, кој е заедно со жителите на Лезбос на една од блокадите, преку својот фејсбук-профил коментираше дека денеска е срамен ден за сите. Вели дека е срамота жителите што ги чуваат островите да бидат тепани и да страдаат и додаде дека ни за време на хунтата не се правеле такви работи.
Како што јави МИА, со цел да се олесни почетокот на изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, владина одлука со која не се согласува локалното население, доцна синоќа од Атина пристигнаа камиони и булдожери, придружувани од неколку полициски единици. Тие беа пречекани со протести од локалното население, така што во текот на ноќта избија инциденти и на двата острови. Жителите се обидоа да ги спречат, а полицијата употреби солзавец и шок-бомби.
Кусо пред полноќ, според локалните медиуми, чукале камбаните во неколку села, за жителите масовно да излезат на протестот. Подоцна биле повикувани и со мегафони.
Вчера реагираше опозициската СИРИЗА, преку портпаролот Алексис Харицис, кој рече дека информациите дека тајно се праќаат 10 специјални полициски единици на Хиос и на Лезбос создаваат голема загриженост и ја зајакнуваат тензијата.
„Владата на Мицотакис додава масло во оган. Наместо да дава решенија, прибегнува кон тупаници и насилство, без притоа да ги даде неопходните информации за нејзините потези. Овие неприфатливи и недемократски тактики единствено што прават е да ја поткопаат демократијата. Нема да му дозволиме на господинот Мицотакис и на неговата влада да ги претворат островите во бојно поле“,
вели Харицис.