Протестираме против скандалозниот игнорантски однос кон нас и непостоењето никаква поддршка од системот за матичните лекари од почетокот на пандемијата до денес, се посочува во прогласот објавен на социјалните мрежи за денешниот протестен чин
Повеќе матични лекари од земјава денеска во 14 часот ќе прекинат со работа и ќе излезат пред своите ординации, каде што со получасовен молк ќе изразат протест поради, како што велат, игнорантскиот однос кон нив од самиот почеток на епидемијата со ковид-19.
„Денес од 14 до 14:30, нема да работиме, туку ќе молчиме под заштитната опрема која сами ја купуваме. Во знак на протест, испечатете ја на лист хартија нашата парола и да го изразиме нашето незадоволство,со излегување секој пред својата ординација! Протестираме против скандалозниот игнорантски однос кон нас и непостоењето никаква поддршка од системот за матичните лекари од почетокот на пандемијата до денес“,
се наведува во соопштение објавено на Фејсбук со хаштаг #ДостаЕ #MjaftMë!
Во соопштението за настанот се наведени и пет барања на лекарите:
1. Итна помош во медицинска заштитна опрема, дезинфициенси и сл.
2. Бараме право да упатуваме пациенти на тестирање по наша процена како лекари, а не алгоритам
3. Бараме да има член претставник од матичните лекари во Комисија за заразни болести
4. Стопирање на какви било „реформи“, најавени од 1.7., невиден преседан среде пандемија.
5. Итно ангажирање на млади колеги кои веднаш ќе се вклучат во системот, а во моментов седат дома без работа.
„Партии СТОП, поддржувајте нѐ од дома! Изјави нема да даваме, ниту ќе гостуваме по телевизии, нема потреба од драма. Драмата е на терен и по болници. И онака има премногу работа“,
се наведува во прогласот на матичните лекари.