Пакетот закони што предвидуваат пензионирање со 64 години возраст и 15 години работен стаж се закочени моментно во парламентот, посочува министерката за труд и социјална политика
Со јануарската пензија, пензионерите ќе го добијат усогласувањето, што значи зголемување на минималната пензија за 134 денари, а на просечната за 185 денари месечно. На годишно ниво тоа е околу 2 200 денари. Вакво усогласување со трошоците за живот пензионерите ќе добиваат два пати во годината и дополнително со растот на бруто домашниот производ, како трет механизам, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во гостување на ТВ 24.
Во однос на линеарното зголемување на пензиите, како во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Шахпаска истакна дека, со законското усогласување, пензионерите повеќе добиваат, затоа што тоа тече во текот на целата година, а не како линеарното еднаш на крајот на годината.
„Во собраниска процедура се 4 закони: за работни односи, за јавна администрација, за здравствена заштита и за вработени во високото образование. Сите тие се дел од пакетот закони кои што предвидуваат пензионирање со 64 години возраст и 15 години работен стаж, предложени од пратениците. Конкретно за Законот за работни односи има поднесено 480 амандмани, а најголем број од нив се однесуваат на тоа кога да се почне со имплементација на законското решение“,
посочи министерката за труд и социјална политика, потенцирајќи дека постојат механизми, согласно собраниската процедура, процесот да се откочи.
Таа посочи дека со ова законско решение се ослободуваат работни места кои најчесто се од јавниот сектор и се отвора можност да се реформира администрацијата, така што ќе може да влезат млади кадри кои ги имаат потребните вештини за современите процеси.
Во однос на прашањето за докуп на стаж, министерката истакна дека тоа е дел од владината програма и останува да биде реализирано до крајот на мандатот на оваа Влада.
За законското решение недела да биде неработен ден Шахпаска рече дека е подготвената драфт-верзија, која е разгледана и на седница на Економско-социјалниот совет и со писмен допис е испратена до сите засегнати страни.
„Суштината е да се овозможи работниците да го користат правото на неделен одмор, да бидат со своите семејства, но мора да се предвидат и исклучоци, кои ќе значат непречено функционирање на општеството. При анализите и споредбите со другите европски земји, заклучивме дека треба да се има предвид за која земја се работи и нејзиниот економскиот потенцијал”,
истакна Шахпаска.
