Допрва треба да се утврдат причините поради кои падна авионот АТR-72 од француско производство, управуван од авиокомпанијата „Воипес“
Форензичарите во мртовечницата во Саун Пауло досега ги идентификувале телата на 35 од 62 лица кои загинаа минатата недела во авионската несреќа во станбената област Винхедо во Саун Пауло, Бразил, а во која немаше преживеани, соопштија властите.
Транспортен авион на бразилското воено воздухопловство ги префрли останките на тројца патници назад во Каскавел во јужен Бразил, од каде што и полетал авионот, и ќе продолжи да ги транспортира телата откако ќе завршат обдукциите.
Од мртовечницата соопштија дека досега на членовите на семејствата им предале 17 тела заедно со посмртните документи.
Допрва треба да се утврдат причините поради кои падна авионот АТR-72 од француско производство, управуван од регионалниот превозник „Воипес“ (VoePass).
Инспекторите ги пронајдоа снимачот на глас од пилотската кабина и снимачот на податоци за летот и работат со бразилскиот центар за истраги на воздухопловни несреќи во Бразилија за да ја утврдат причината за несреќата.
Прелиминарниот извештај се очекува во рок од 30 дена од почетокот на истражувањата врз моторите на авионот што се реализираат во фабрика во Саун Пауло.
Воздухопловните експерти ги анализираат снимките од авионот кој спирално се спушташе надолу додека паѓаше и наведоа некои можни причини, па шпекулираат дека во авионот се насобрал мраз. Во петокот од компанијата „Воипес“ изјавија дека мразот бил најавен на височината на која летал авионот, но требало да биде на прифатливо ниво.
Авионот бил на пат за Саун Пауло од Каскавел, во државата Парана, кога се урна и експлодира во градина во станбен комплекс во градот Винхедо, на околу 80 километри северозападно од Саун Пауло. Во несреќата нема преживеани, а никој на теренот не е повреден.