Апликацијата „м.Услуги“ ќе овозможи пристап до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, а на почетокот ќе нуди и три услуги за граѓаните
Говорејќи на темата во синоќешното гостување во Дневникот на МРТ1, Андоновски ја нагласи безбедноста на апликацијата и посочи дека нејзиното преземање ќе биде бесплатно, а користењето доброволно, односно нема да биде задолжително
На 28 октомври во Филхармонија официјално ќе биде промовирана мобилната апликација „м.Услуги“, преку која граѓаните на едно место ќе може да пристапуваат до личните документи во дигитална форма, како и до електронските услуги на администрацијата.

Датумот на промоцијата на дигиталната алатка го објави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во синоќешното гостување во „Дневникот“ на МРТ1 додавајќи дека на настанот свое обраќање ќе има и премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе говори за насоките и приоритетите во дигитализацијата на државата.
„Промоцијата официјално можам да ја најавам на 28 октомври во Македонската филхармонија. Јас ќе ги презентирам изгледот и функционалностите, а претседателот на Владата ќе говори пошироко за тоа каде се движиме во поглед на дигитализацијата“,
рече министерот.
Според него, апликацијата е во финална фаза на тестирање и по нејзиното пуштање во употреба граѓаните ќе може да ја преземат преку платформите Гугл плеј (Google Play) и Ап стор (App Store).
Како што појасни тој, граѓаните преку својот профил на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk ќе можат да се најават во апликацијата и да пристапат до своите податоци и функционалностите што таа ги нуди.
Апликацијата „м.Услуги“ ќе овозможи пристап до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, а на почетокот ќе нуди и три услуги за граѓаните.
Говорејќи на темата, Андоновски ја нагласи безбедноста на апликацијата и посочи дека нејзиното преземање ќе биде бесплатно, а користењето доброволно, односно нема да биде задолжително.
„Ова ќе биде наш прв чекор кон дигиталниот паричник. Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. Ќе го свртиме фокусот кон тоа државата да биде достапна на мобилниот телефон, односно на дланка“,
рече министерот за дигитална трансформација.
Андоновски се осврна и на понатамошниот развој на апликацијата, наведувајќи дека во таа насока веќе се водат разговори со Министерството за здравство за податоците од „м.Здравје“, како и со Министерството за социјална политика, демографија и млади за европската младинска картичка.
Крајната цел, рече тој, е „м.Услуги“ постепено да прерасне во дигитален паричник со повеќе документи и услуги достапни на едно место.
Што се однесува до прифаќањето на електронските документи од институциите, министерот кажа дека тој процес ќе оти постепено, бидејќи ќе бара интервенции во подзаконските акти и јакнење на институционалните капацитети.
Андоновски, во тој контекст, потсети дека и за прифаќањето на другите електронски документи биле направени измени во околу 100 закони.
Инаку, тој наведе и дека Европската Унија (ЕУ) бара задолжително користење на дигиталниот прирачник од 2027 година.
„Кај нас нема задолжителна употреба, но во исто време ќе правиме напори институциите да започнат да ги прифаќаат електронските документи. Тоа ќе биде процес, бидејќи ќе треба да се менуваат и подзаконски акти. Чекор по чекор, како што ќе ги градиме капацитетите, така ќе се проширува и нивното прифаќање“,
рече Андоновски.
Според министерот, воведувањето на дигиталните услуги ќе им го олесни секојдневието на граѓаните, а во таа насока, вели, одат и досегашните коментари, кои се генерално позитивни.
„Засега слушам само позитивни коментари, а ние ќе направиме сè што е потребно за ова да функционира во интерес на граѓаните“,
подвлече Андоновски.
