Со предлог-буџетот за 2027 година се предвидени околу 10 милиони евра помалку за блок-дотации за основното и за средното образование. Дел од општините предупредуваат дека ќе мора да одвојат повеќе пари од сопствените буџети. Министерката вели дека со спојувањето паралелки веќе се остваруваат заштеди, како и дека наставниците во март ќе го добијат ветеното покачување на платите од најмалку 7,5 отсто

Годинава се споени 433 паралелки и привремено се затворени 148 училишта во кои немало запишано првачиња или имало од пет до десет, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Со заштедите од оптимизацијата на училишната мрежа таа го образложува намалувањето на блок-дотациите што општините ги добиваат од државата за основното и за средното образование. За следната учебна година очекува да се спојат уште околу 400 паралелки.
„Јас прво реков 450 паралелки, но на крај се сведовме на 433 паралелки кои беа споени, оптимизирани и дополнително јавно кажувам дека одреден број на училишта, 148 училишта што немаа запишано првачиња или имаа 5 до 10 првачиња, се привремено затворени, а децата се преместени во подобра социјална средина во нивна корист. Оттука произлегуваат одредени заштеди, иако ние оптимизацијата не ја спроведовме комплетно“,
рече Јаневска.
Министерката не прецизира колку училишта би биле привремено затворени следната учебна година. Очекува оптимизацијата да трае четири, најмногу пет години, а за тој период најави и дека нема да има нови вработувања во образованието.
„Јас велам дека за да нема социјални проблеми и за да нема социјални шокови, оптимизацијата ќе треба да се одвива во четири, еве ќе направам исклучок најмногу пет години. Во тој период нема да има вработувања во образовниот систем и така ние ќе дојдеме до оптималниот број на паралелки со оптимален број на наставници, сè во корист на учениците“,
вели таа.
Предлог-буџетот за 2027 година, кој е во собраниска процедура, е за околу пет отсто повисок од државниот буџет по вториот ребаланс за 2026 година. За образованието, пак, се предвидени нешто помалку пари, а кај блок-дотациите за општините намалувањето е околу 10 милиони евра. Од овие средства, покрај платите, се покриваат и трошоци за струја и за превоз на учениците.
На состанок на надлежната комисија на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), претставници на локалната власт предупредиле дека со ваквата формула за блок-дотациите ќе мора да одвојат значителни средства од општинските буџети за образование и дека поради тоа нема да можат да реализираат други проекти што им ги ветиле на граѓаните.

Јаневска, која присуствувала на состанокот, вели дека незадоволство искажале дел од општините и дека меѓу нив имало и такви што воопшто не се вклучиле во оптимизацијата. Како примери за општини што веќе имаат резултати ги посочи Струмица, Струга и Делчево. На прашањето дали другите ќе треба да дополнуваат пари од сопствените буџети, министерката одговори дека за плати ќе има пари и дека ги разбира тешкотиите на градоначалниците поради долговите што ги наследиле.
За наставниците, според Јаневска, во март 2027 година е предвидено зголемување на платите од 7,5 отсто, согласно четиригодишниот договор со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Прашана дали веќе се знае колкав ќе биде процентот, со оглед на тоа што се споменува покачување меѓу 7,5 и 10 отсто, таа рече:
„Во март е предвидено да биде 7,5%, ќе видиме понатаму што ќе се случува при ребаланс и полнење на буџетот“.
На прашањето дали е под притисок од министерката за финансии да крати трошоци во образованието, Јаневска одговори дека ги менаџира средствата што ги добила во буџетот. За предвидените 10 милиони евра помалку за блок-дотации, рече дека „тоа е владина стратегија“.
