Постои заблуда за антивирусните терапии за ковид-19 кога станува збор за хлорокинот и другите лекови, вели во интервју за Радио Слободна Европа докторот и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гете“ во Франкфурт, Иван Џикиќ.
„Ова не се антивирусни лекови и беше жално да се гледа кога политичари почнаа да го промовираат тоа, пред сè во Америка, па луѓето почнаа да пијат кинин и хлорокин. Маж почина од тоа, а неговата сопруга стигна во болница во сериозно тешка состојба затоа што тоа е токсично“,
вели Џикиќ.
За хлорокинот и азитромицинот (сумамед) вели дека делуваат на симптомите, но не и на вирусот. На пример, објаснува професорот, кога има воспаление на белите дробови имате секударна инфекција од бактерии и токму тие бактерии се убиваат со овие лекови, а не вирусот.
Според него, засега солидни резултати покажал единствено лекот кој се користи против ебола и тоа на ограничен број пациенти.
„Тоа е лекот кој се нарекува ремдесивир. Тој покажа многу добри резултати кај луѓето кои се во подоцнежна фаза. Многу од нив имаа благи симптоми и преживеаја. Според тоа, станува збор за добар лек, направен е во рамки на сериозна клиничка студија и засега дава надеж дека во овие подоцнежни фази ќе може да ги спаси луѓето од смрт, но не и од инфекција и од пренесување на вирусот кај останатата популација“,
објаснува Џикиќ.
За ремдесивир пред неколку дена пишуваше и „Си-ен-ен“, повикувајќи се на објава од „Статњуз“.
Овој лек им бил аплициран на пациенти со коронавирус кои имале температура и посериозни респираторни симптоми. Лекувањето со него се одвива во болница во рамките на универзитетот во Чикаго. Со третманот со ремдесивир пациентите ја напуштаат болницата за помалку од една недела.
Светската здравствена организација (СЗО), пак, уште во февруари посочи дека ремдесивир се покажува како потенцијален лек против ковид-19.