Татјана Васиќ-Бозаџиева, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ, е фантастична и одличен кадар за Уставен суд ама како администратор кој стручно ќе помага во работата, а никако како судија
Од вкупно девет имиња, Комисијата за прашања за изборите и именувањата треба да предложи тројца кои потоа треба да бидат изгласани и на пленарна седница на Собранието
Професорката Родна Живковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, не доби поддршка од Комисијата за прашања на изборите и именувањата да биде уставна судијка.
Таа доби само три гласа „за“, сите од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, додека нивните колеги од мнозинството гласаа против.
Живковска беше предложена од опозициската партија заедно со уште петмина други кандидати, додека власта предложи три имиња.
Откако не ја доби поддршката, на седницата на собраниската Комисија почна дебатата за правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева, која е предлог на СДСМ.
Нејзината кандидатура опозицијата ја нарече комична прашувајќи како таа е поистакнат правник на професорката Живковска која неодамна ѝ била ментор на Васиќ за магистерскиот труд од областа на граѓанското право.

„Замислете професорката Родна Живковска не ги задоволила критериумите на власта за истакнат правник, а магистратурата и тие предмети Татјана Васиќ-Бозаџиева, ги полагала кај Родна Живковска. Значи менторот во академската сфера е понеистакнат правник од студент. Парадокс, комичност и не знам со какви други зборови може да се опише оваа ситуација“,
рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Според опозицијата, спорно е како Васиќ-Бозаџиева би одлучувала за усогласеност на законите со Уставот.
„Од ова може да се прочита меѓу редови што е намерата на мнозинството. Тоа е да се затскријат уставните промашувања и криминали направени од оваа власт, да бидат покриени со луѓе нивни послушници. И многу поважна работа, имајќи го предвид мандатот на уставните судии, а гледајќи како се подготвуваат за избори, планираат откако ќе си заминат во опозиција да останат уште еден период сигурни и да вршат притисок на таа нова власт која ќе се зафати со одредени реформи кои нив нема да им одговараат и ќе укинуваат закони. Тоа е причината зошто вакви анонимни неистакнати правници се предлагаат за уставни судии“,
рече Петрушевски.
Тој обвини и дека кандидатката која работела во повеќе министерства е кадар од времето на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, кој сега одработува за СДСМ.
Татјана Васиќ-Бозаџиева, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ, е фантастична и одличен кадар за Уставен суд ама како администратор кој стручно ќе помага во работата, а никако како судија.

Пратеникот од мнозинството, Диме Велковски, пак, рече дека Татјана Васиќ-Бозаџиева ниту има некаква поврзаност со парламентарно мнозинство ниту власта сака да превенира некои работи со свои кадри како што обвинува опозицијата.
Обвинувања за обид за вметнување на свои кадри во Уставен, пак, СДСМ упатуваше кон ВМРО-ДПМНЕ кога се дебатираше за професорката Живковска.
„Професорката Родна Живковска е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. На 14 февруари 2020 година таа уплатила 25 000 денари на сметката на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече на минатата седница пратеникот Мартин Костовски од СДСМ потенцирајќи и дека професорката му е мајка на Иван Живковски, кој е претседател на Советот на Општина Кисела Вода, каде власта ја има опозицијата.
Пратениците во Комисијата за прашања за избори и именувања треба да дебатираат за вкупно девет имиња. За Васиќ дебата е во тек, а покрај Живковска, заврши расправата и за кандидатот Фатмир Скендер, кој е актуелен судија во Апелацискиот суд Скопје. Тој е предлог на владејачкото мнозинство и со мнозинство гласови го мина комисискиот филтер.
Уште еден кандидат кој дојде како предлог од редовите на мнозинството е и актуелниот државен обвинител Љубомир Јовески.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, освен професорката Живковска, како свои предлози ги има и: пензионираниот професор Саво Климовски; Тодор Витларов, кој е шеф на Вишото јавно обвинителство Штип; Воислав Димоски, актуелен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид; управната судијка од Битола, Весна Јовановска; и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Од сите кандидати, Комисијата за прашања за изборите и именувањата треба да предложи тројца кои потоа треба да бидат изгласани и на пленарна седница.
*Поврзани вести:
- Обвинители, судии, професори меѓу деветте предлози за уставни судии
- ВМРО-ДПМНЕ бара кандидатите за уставни судии да дојдат во Собрание: Зошто да се кријат зад биографиите?
- СДСМ со критики за предлозите на опозицијата за уставни судии: ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од партиски инсталации
- Пратениците расправаат за кандидатката за уставна судијка – универзитетската професорка Родна Живковска
- Апелацискиот судија Фатмир Скендер го помина комисискиот филтер за да се пресели во Уставен