Понудувачите деновиве се на терен и го разгледуваат просторот со цел, како што кажа премиерот, да имаат еднаква информираност и рамноправно учество на тендерот
Проектот за изградба на хидроцентралите „Чебрене“ и „Галиште“ е во втора фаза и пријавени се девет понудувачи, обелодени денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Говорејќи на економскиот форум организиран од „Фајнанс тинк“, премиерот изрази надеж дека тендерот успешно ќе заврши и дека конечно ќе биде избран изведувач.
„Во втора фаза е проектот ‘Чебрене-Галиште’. Има девет понудувачи кои овие денови се на теренско разгледување на просторот за да имаат еднаква информираност за рамноправно да учествуваат на тендерот. Се надевам дека тендерот ќе успее и дека конечно ќе имаме изведувач“,
рече Ковачевски.
Власта го смета проектот „Чебрене-Галиште“ за еден од стратегиските проекти во македонскиот енергетски сектор, но во изминатите години имаше неколку неуспешни тендери.